Наскоро во издание на „Македоника литера“

Издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје наскоро ќе објави серија од пет книги за деца и млади од Шен Шиси, најтиражниот кинески писател за деца и еден од најпродаваните современи писатели за млади во светот.
Само во Кина неговите дела се продадени во повеќе од 60 милиони примероци. Серијата ги содржи најпознатите новели на Шиси, од кои повеќето се наградувани и филмувани. Во своите дела тој пишува за животните, а неговите искрени, реалистични и трогателни приказни се еднакво популарни и кај возрасните читатели.
Шен Шиси (1952) во кинеската литература е познат како кралот на приказните за животни. Пишува за хуманите односи меѓу животните и луѓето и за хармоничната врска меѓу човекот и природата. Тој е повеќекратен добитник на највисоките награди за литература за деца во Кина. Негови дела се преведени на повеќе јазици.
„Македоника литера“ оваа серија ја објавува во копродукција со издавачот „Делфин книги“ од Пекинг, Народна Република Кина, со кого веќе заеднички објавија и 13 тома од серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“.
Пред неколку месеци „Македоника литера“ објави две ремек-дела на Шиси – „Мајката чакал Скарфејс“ (роман) и „Лисицата трговец“ (раскази).