На платото на плоштадот „Сава Михајлов“ во Гевгелија неодамна, по повод одбележувањето на Светскиот ден на детето, домот на културата „Македонија“ им приреди пријатно доживување на најмладите, но и на нивните родители. Под ведро небо беше изведен перформанс со живи скулптури, насловен „Ноќ во музејот“, проект на театарот при домот на културата „Иван Мазов-Климе“, од Кавадарци.
Дечињата имаа можност да влезат во светот на живите скулптури што ги толкуваа ликовите од познатите сказни за деца: „Пепелашка“, „Убавицата и ѕверот“, „Волшебникот од Оз“, „Снежната кралица“, каубојот Док Холидеј. Режисерката на ова интересно и комично патување на момчињата Тошко и Пеце во Музејот на живите скулптури, Микица Илова, и костимографката Сара Милевска направија присутните дечиња активно да се вклучат во перформансот. Ликовите од детските сказни ги оживеаја: Стојанче Вангелов, Ангел Милков, Смиља Бошкова, Сашко Орешков и Валерија Пашова, додека актерите Диме Боцев и Диме Коцевски ги толкуваа момчињата Тошко и Пеце, кои, наместо во лунапарк, залутале во Музејот на живи фигури. Љ.А.