Хумана страница – На Светскиот шампионат во Грац

На Првиот светски шампионат во танц на Специјалната олимпијада, кој се одржа во Грац, Австрија, во конкуренција на 13 земји, Специјалната олимпијада Македонија освои два сребрени медала. Нашата делегација настапуваше со две точки, јунифајд во двојки и соло-перформанс.

– Тимот на Специјалната олимпијада и во пандемиски услови успеа да го организира Првиот светски шампионат во танцување како спорт, според строги ковид-протоколи. Нашите атлети на сцена се претставија во најдобро светло и двете кореографии ги одиграа до последен атом и за тоа беа наградени со две сребра – вели Александра Димеска, водачка на делегацијата на Специјалната олимпијада Македонија.

Во конкуренција на 13 земји (Австрија, Чешка, Естонија, Германија, Норвешка, Словачка, Украина, САД, Грција, Ирска, Индија и Литванија), каде што учествуваа 80 атлети од три континенти, под водство на 30 тренери под строги протоколи поради ковид-19, ова беше прв жив настан на Специјалната олимпијада, на кој учествуваа атлетите, откога е започната пандемијата на ковид-19.

Атлетите се натпреваруваа во четири категории, соло, пар, двојки и тим, во четири дисциплини, танго, уличен танц, сценска уметност и специјален настап. Првенството се случуваше пред публика од 1.000 луѓе, кои уживаа во вонсериските настапи на атлетите и страста што тие ја покажуваа за танц за време на целиот настан.
– На нумерата „Te quero“ од Оливер, тимот „Сонриса јунифајд“, составен од Илина Георгиева, Јулијана Петровска, Марио Мицковски, Стефан Трпковски и јунифајд-партнерите Сања Матеева и Димитар Мишев, одигра прецизно и страсно и жири-комисијата го оцени настапот со сребрен медал.

Додека соло-настапот на Јулијана Петровска на нумерата „I wanna dance“ на Артем Узунов, салата ја остави без здив и освои сребро. Танчарите за ова првенство ги подготвуваше кореографката Евгенија Трифуновска – велат учесниците.
Танцот како спорт официјално е спортска дисциплина од Олимписките игри на Специјална олимпијада во Абу Даби 2019 година и ќе биде официјална натпреварувачка дисциплина започнувајќи од Зимските олимписки игри на Специјалната олимпијада 2025 г.