Тилда Свинтон и Џулијан Мур во новиот филм на Педро Алмодовар

Тилда Свинтон и Џулијан Мур ќе имаат водечки улоги во новиот филм на Педро Алмодовар во кој главна тема е женското пријателство.
Шпанскиот режисер, кој зад себе има многу маестрални филмови како „Жена на работ на нервен слом“, „Сѐ за мајка ми“, „Зборувај со неа“, „Волвер“, „Кожата во која живеам“ и многу други, ќе ја види светската премиера на неговиот прв филм на англиски јазик на 81. Филмски фестивал во Венеција, насловен „Соседната соба“.
Неговиот филм, адаптација на романот на Сигрид Нуњез, „Низ што поминуваш“, ги следи најпродаваните писателки Ингрид (Џулијан Мур) и Марта (Тилда Свинтон) додека го обновуваат своето пријателство откако изгубиле контакт. Додека се нурнати во минатите спомени и анегдоти, уметност и филмови, Марта, која се бори со рак на грлото на матката во терминална фаза, сака да умре достоинствено и ја замолува Ингрид да биде во соседната соба кога ќе земе апчиња за евтаназија.


„Ла Бамба“ ќе добие преработка?

Изгледа дека модата за преработки никогаш не завршува. А се чини дека за новата генерација филмаџии ништо не е свето, па беше објавено дека се подготвува преработка на познатиот филм „Ла Бамба“, снимен во 1987 година, кој раскажува за еден од најпознатите пионери на американската рок-музика по име Ричи Валенс.
Да потсетиме, Ричи во оригиналниот филм го играше Лу Дајмонд Филипс, а режисер беше Луис Валдез (интересно е што по овој филм повеќе не снимаше за големите кина, а единствен игран филм му беше „Зут Суит“ од 1981). Музиката за филмот ја направи Лос Лобос.
Ричи Валенс, познат по ултрахитовите „La Bamba“, „Donna“, „Come On, Let’s Go“, загина во авионска несреќа во 1959 година, заедно со музичарите Бади Холи и Џ.П. Ричардсон, познат и како Големиот Бопер.
Новата верзија на приказната за Ричи Валенс ќе се снима под капата на „Мучо мас медија“ и „Сони пикчрс“, а Луис Валдез ќе биде еден од извршните продуценти.


„Три свадби и погреб“ најгледана комедија во Словачка

Минатата недела најгледан филм во Словачка беше комедијата „Кавеј“, кој заработи 592.513 долари.
Филмот на хумористичен начин зборува за тоа како понекогаш си го комплицираме животот и не гледаме што има вистинска вредност. Се работи за љубов, пријателство и семејство. За време на нивниот престој дома, две пријателки Вероника (Јана Ковалчикова) и Клара (Ана Јакаб Раковска) доживуваат семејни и пријателски состаноци полни со ситуации што го менуваат животот. Многу работи може да се случат за време на три свадби и еден погреб. Дали и покрај сите искуства ќе успеат да најдат љубов, среќа и место за живеење?
Режисер на оваа продукција е Лукас Зедниковиќ, кому му е прв долгометражен филм.


Јапонски трилер-хорор во Венеција

На годинашниот Филмски фестивал во Венеција (28.8 – 7.9) во главниот избор ќе биде прикажан јапонскиот хорор-трилер „Кураудо“ (Облак).
Јоши, млад човек што препродава стока на интернет, се наоѓа во центарот на низа мистериозни настани, кои го доведуваат во опасност неговиот живот.
Режисер и сценарист на овој филм е Кијоши Куросава, добитник на голем број филмски награди (вклучувајќи ги и оние за најдобар филм во Кан во изборот „Одреден поглед“ во 2015 година за романтичната фантазија „Кишибе но таби“, како и „сребрена мечка“ во 2020 година за најдобар филм на Венецискиот филмски фестивал за драмата „Сопруга на шпион“), за кого тоа е дури трет филм во 2024 година, по криминалниот филм „Патека на змијата“ и хорор-филмот „Ѕвонче“.