Фото: ЕПА

Во средата наутро исплови 40-та кинеска научна експедиција на антарктичкиот тим, започнувајќи ја мисијата што се очекува да трае повеќе од пет месеци. Ова е првпат кинеската научноистражувачка мисија на Антарктикот да биде составена од три брода. Истражувачките мразокршачи „Ксуелонг“ и „Ксуелонг 2“, или „Снежен змеј“ и „Снежен змеј 2“, тргнаа од Шангај, додека товарниот брод „Тиан Хуи“ тргна од Џангјаганг во провинцијата Џиангсу во источна Кина.
Тимот, составен од над 460 луѓе, ќе го истражува влијанието на климатските промени врз екосистемот на Антарктикот, како и улогата на Антарктикот во климатските промени. Тие ќе соработуваат со норвешки и австралиски колеги на најсовремени истражувачки проекти.
За време на оваа експедиција ќе биде формирана нова научноистражувачка станица по должината на крајбрежните области на Росово Море, што ќе стане петта кинеска истражувачка станица на Антарктикот и трета постојана, по станиците Чангченг и Жонгшан.
Дизајнот на зградата на станицата е инспириран од соѕвездието Крукс, кое порано го водеше кинескиот морепловец Џенг Хе во неговите патувања. Со површина од 5.244 квадратни метри, ќе може да поддржува 80 члена на тимот на експедицијата во текот на летото и 30 члена во текот на зимата. Станицата ќе ја следи и проучува атмосферската и морската средина на Антарктикот, како и биолошките и еколошките услови таму.