Фото: ЦГТН

Производителот на паметни телефони, а од неодамна и на автомобили, „Шаоми“, својот прв модел „СУ7“ го произведува во својата суперфабрика во Пекинг за 76 секунди. Во фабриката се вработени само 20 работници и се инсталирани повеќе од 700 индустриски роботи. Високото темпо на производство е резултат на високоавтоматизираната производна линија и вклучените напредни т.н. паметни техники

Неверојатни кинески достигнувања во автомобилската индустрија

Основачот, претседател и извршен директор на „Шаоми“, Леи Јун, откри во јавноста една исклучително интересна вест: имено, споменатата кинеска фабрика може да произведе 40 автомобили „шаоми СУ7“ за еден час!
– Ова одговара на време на производство од само 90 секунди за секој нов автомобил што ќе излезе од производната лента. Меѓутоа, кога фабриката, која има шест основни работилници, работи со полн капацитет, „шаоми СУ7“ се произведува на секои 76 секунди – истакнува Леи Јун.
Високото темпо на производство е резултат на високоавтоматизираната производна линија и вклучените напредни паметни техники. Повеќе од 700 индустриски роботи работат во „Шаоми смарт супер фактори“. Тие извршуваат задачи како што се инсталација, инспекција и транспорт. Во фабриката работат само 20 вработени, што е, да речеме, двојно помалку отколку во Чери, бидејќи главната работа ја вршат роботи. Работниците се потпираат на осум роботски раце по работна станица, по четири на секоја страна од автомобилот.
Роботските раце се програмирани да ја инсталираат вратата, ставајќи ја во соодветна положба, затегнувајќи ги завртките и приспособувајќи ги шарките. Роботите ги вградуваат и предното ветробранско стакло, но и задното стакло и панорамскиот покрив. Потребни се помалку од 30 секунди од моментот на преземање на деловите до поврзувањето со каросеријата на автомобилот. Тоа е двојно побрзо од традиционалните автомобилски компании, истакнуваат од „Шаоми“.
Производителот тврди дека оваа стратегија е трипати поефикасна од користењето само човечки оператори. „Шаоми“ има имплементирано паметен систем и во Одделот за боење и лакирање. Благодарение на флексибилната техника на сортирање бои и употребата на роботи, времето на боење може да се скрати за 25 проценти.
Компанијата моментално има 59 продажни места во 29 кинески града, со цел до крајот на годината да се прошири на 211 локации во 39 града. Сегашниот капацитет на фабриката е да произведува 150.000 автомобили годишно, но ќе се прошири на 300.000 единици до 2025 година.
„Шаоми СУ7“ беше претставен на 28 март 2024 година, по повеќе од прифатлива влезна цена од 27.500 евра на кинескиот пазар. Компанијата има цел да продава 100.000 автомобили годишно во првата година на пазарот, што лесно ќе се постигне според сегашниот интерес на клиентите. Сепак, кинескиот производител има план за производство од 900.000 единици во следните три години.