Новиот закон што ќе стапи во сила на 1 март се однесува на пилешкото, свинското, јагнешкото и овчото месо, пишува Еди Вакс за „Политико“

Рестораните и училишните мензи што служат месо во Франција ќе мора да ја наведат земјата на потекло и каде било заклано животното, според новиот закон, кој стапува во сила на 1 март. Овој закон е резултат на поширокиот француски притисок државата да ја преземе контролата врз суверенитетот на храната и да ги заштити земјоделците од она што француските политичари го гледаат како нелојална конкуренција од производителите што не се членки на Европската Унија (ЕУ), а кои можат поинтензивно да одгледуваат добиток. Половина од месото што Французите го јадат на училиште е увезено.
Францускиот весник „Ле паризиен“ веќе претходно соопшти дека долгоочекуваниот декрет беше објавен во официјалниот правен весник, така што самата вест ја потврди и францускиот министер за земјоделство Жулиен Денорманди. Законот ќе важи за секој облик на јадење надвор од домот, а се однесува на пилешкото, свинското, јагнешкото и овчото месо. Франција бара да се означи потеклото на говедското месо во рестораните од 2002 година, главно како одговор на кризата со болеста кравјо лудило.
Францускиот министер за земјоделство објасни дека долго време се работело на подготовката на ваквиот закон, за да може конечно да им се дозволи на родителите да знаат дали пилешкото во училишните мензи на нивните деца доаѓа од Франција или од Украина или од Бразил, а истото тоа важи и за рестораните. Легалноста на законот мораше да биде испитана од страна на францускиот државен совет претходно во јануари, пред да биде објавен.
Франција прави поширок обид во Брисел да ја направи трговијата поправедна за европските земјоделци, вклучувајќи и со засилување на политичкиот притисок за влезната забрана за хормоните за раст на животните, која ќе важи и за земјоделците од земји што не се членки на ЕУ, но сакаат да продаваат месо во Европа.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска