Политичарите им се додворуваат на гласачите од руралните средини со олеснување на правилата за лов на кафеавите мечки и на волците
Крвожедност, прагматизам или политика пред изборите во Европската Унија
Неколку месеци пред одржувањето на изборите во Европската Унија, кои се закажани за 9 јуни, се засилува дебатата за олеснувањето на правилата за лов на диви животни. Иако овој потег ги разлути еколозите, политичките партии, особено од десницата, гледаат можност да ја придобијат наклонетоста од потенцијалните гласачи од руралните средини.
Откако романскиот парламент го одобри контроверзниот закон во ноември, почнувајќи од годинава во Романија речиси 500 кафеави мечки може да бидат застрелани од секој ловец што ќе плати такса. Минатиот месец во Италија, владата предводена од десничарската партија Браќа на Италија, на премиерката Џорџа Мелони, поднесе предлог-закон за да се олабават многу ограничувања за лов, вклучувајќи и олеснување на правилата за лов во националните паркови и резервати. Во Шведска, лиценцирани ловџии можат да застрелаат одреден број волци. Оваа одлука го предизвикаа гневот на здруженијата за заштита на животните, кои предупредуваат дека популацијата на волци не е доволно голема за да го оправда нивното убивање. Новите правила договорени минатиот месец во Германија ќе им олеснат на луѓето и на фармерите да бараат дозвола за лов на волци во случаи на напади на домашниот добиток. Француската влада кон крајот на минатата година претстави нов план за регулирање на бројот на волците, што ќе ги поедностави правилата во кои случаи ќе се одобри отстрел на волците. Со планот се подобруваат условите за компензацијата за фармерите што страдаат од напади на дивите животни. Исто така и во Холандија може да се слушнат реакции дека недостига акција против волците, а се разгледуваат и опции за контрола на „проблематичните“ животни. За слични промени на правилата на различни нивоа се разговара и во Австрија и во Франција.
Волците стануваат политичко прашање
Европската комисија работи на олабавување на регулативата за заштита од волците низ ЕУ, а нејзиното носење добива растечко политичко значење, поради силните реакции за зачувување на животната средина и на климата. Ова прашање може да ѝ помогне на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да добие поддршка за втор мандат во извршната власт на ЕУ. Олабавувањето на правилата за лов на волци е долгогодишно барање во руралните средини, а политичката групација што стои зад изборот на претседателката на ЕК, односно централнодесничарската европска народна партија, сака да се претстави како пријател на земјоделците пред изборите.
– Ова е лудост и во тоа има политика. Она што всушност е успех во заштитата на животните сега се користи како причина за да може да се убива – рече Џоана Свабе, виша директорка за односи со јавноста во „Хјуман сосајети интернешнал Европа“.
– Меѓутоа, за ловците, промените се разумно ажурирање на „застарените“ закони – рече Торбјорн Ларсон, претседател на Европската федерација за лов и заштита.
Ларсон верува дека прашањето „ќе биде на врвот на агендата“ за време на изборите во ЕУ и рече дека ја цени работата на Фон дер Лајен што се однесува за ова прашање.
Ќе се искористи ли гневот на ловците и на фармерите од политиките на ЕУ?
Претставниците на популистичките движења го користат гневот на ловците и на фармерите од политиките на ЕУ, предупредуваат приврзаниците на политиката за заштита на животните.
– Според правото на ЕУ, волците се строго заштитени, што значи дека нивното убивање е забрането освен ако животното не претставува опасност за луѓето или за добитокот на фармерите. Мечките и рисовите имаат корист од слична заштита. Таквото управување со овие животни „стана популистичко прашање“ – рече Анели Сјоландер-Линквист, истражувач на Универзитетот во Гетеборг.
Тој посочува на екстремно десничарските шведски политичари, кои ја искористија темата за да ги зајакнат своите позиции во руралните области.
– Ловот е како „социјално лепило“ во селата, „нешто што ги одржува луѓето поврзани“ – вели шведскиот истражувач, кој предупреди дека тоа не значи дека овие партии нужно ќе ги исполнат барањата на гласачите од руралните средини.
Засилувањето на барањата за ловење не е изненадување за Ерика фон Есен, истражувачка од Универзитетот во Стокхолм, која посочува на постоење на „нова урбана висока средна класа, академска елита“, која, според неа, „се грижи само за политиката и која едноставно има непропорционално влијание врз сè“. Фон Есен укажа на анкетите во Шведска што укажуваат на „недостигот од доверба и гнев кон властите во врска со заштитата на волците“, што е поврзано со многу негативното мислење за ЕУ.