Фото: ЕПА

Кина е подготвена да работи со сите нации за да создаде отворена, фер и непристрасна средина за развој на науката и технологијата. Обраќајќи се писмено до „Форумот за иновации во Пуџијанг“, кинескиот претседател Си Џинпинг порача дека Кина е подготвена да продолжи да промовира меѓународна научна и технолошка размена и соработка со поотворен ум и поширок опсег на мерки и да изгради глобално конкурентен отворен иновативен екосистем

Во светот гласно одекна пораката на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој деновиве изјави дека „Кина е подготвена да работи со сите нации за да создаде отворена, фер, непристрасна и недискриминаторска средина за развој на науката и технологијата!“
Претседателот Џинпинг ги изнесе ваквите забелешки во писмото со честитки испратено до Форумот за иновации, кој се одржа неодамна во Шангај. Во писмото, тој истакна дека „Кина цврсто ќе продолжи со заемно корисна и победничка стратегија за отворање и ќе продолжи да го проширува отворањето на високо ниво“. Кинескиот претседател дополнително истакна дека земјата е подготвена да продолжи да промовира меѓународна научна и технолошка размена и соработка со поотворен ум и поширок опсег на мерки и да изгради глобално конкурентен отворен иновативен екосистем.

Голем потенцијал во партнерствата меѓу бразилските и кинеските научни
центри и технолошките компании

Форумот, на темата „Отворен иновативен екосистем: иновации за глобална поврзаност“, е спонзориран од Министерството за наука и технологија и општинската влада во Шангај. Годинава почесна земја гостин е Бразил, а почесна провинција е Хубеј.
Интересно за издвојување е дека и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, исто така, испрати писмо со честитки до форумот, во кое рече дека годинашната тема бара „да се продлабочи соработката за безбројните можности што ги нуди брзиот научен и технолошки напредок и отворените екосистеми“. Бразилскиот претседател Лула подвлече дека гледа голем потенцијал во партнерствата меѓу бразилските и кинеските научни центри и технолошките компании за олеснување на повеќе инвестиции и зголемување на продуктивноста за двете нации.

Научно-технолошки бум во Шангај

Чен Џининг, шеф на разгранокот на Кинеската комунистичка партија во Шангај, рече дека по долгогодишни напори, градот прави квалитативен скок во својата изградба на меѓународен центар за наука и технологија. Извештајот на Шангајскиот научен институт за годинашниот „Идеален град“, кој беше објавен на маргините на форумот, го рангира Шангај на четвртото место, по Сингапур, Шенжен и Бостон, поради високите сеопфатни перформанси во категориите образование, талент и наука и технологија. Извештајот следува по истражувањето на научници од високата класа во 20 глобални центри за иновации.
Посебен извештај објавен скоро на Самитот на научнички, одржан на маргините на форумот, покажа дека бројот на жени истражувачи во Шангај се зголемил од 70.300 во 2016 година на 98.300 во 2021 година. Тие сочинуваат 28,49 отсто од вкупниот број истражувачи.