Електричните автомобили стануваат сè попопуларни, но купувањето нови е скапо. Дали се исплати да се замени моторот со внатрешно согорување на возилото со електричен и како функционира тоа за стари автомобили, камиони и автобуси

На повидок решение за намалување на загадувањето во градовите

Во работилница во источниот германски град Ерфурт, на автобус стар десет години му беше изваден дизел-моторот како подготовка за вградување нов електричен мотор. Ханс-Георг Херб, шеф на „Елера“, локална фирма специјализирана за претворање обични возила во електрични, вели дека процесот изгледа лесно, но е многу високотехнолошки.
Со ваквиот процес, поранешниот мотор сега има доволно простор за батерии. Херб објасни дека на овој начин во неговата работилница инсталираа осум батерии со капацитет од приближно 200 киловат-часа, што е доволно за автобусот да помине околу 250 километри. Тој вели дека претворањето на дизел-автобусите во електрични не е фасцинантно само од техничка гледна точка туку тој верува и дека има економска смисла. Во зависност од батеријата, претворањето на обичниот автобус во електричен чини помеѓу 300.000 и 340.000 евра, што е приближно половина од цената на новиот.

Повеќе електрични автобуси на улиците

Директивата на Европската Унија (ЕУ) за еколошки возила ја зголемува побарувачката за автобуси на батерии во градскиот транспорт. Според некои процени, околу 15.000 автобуси низ ЕУ и 3.000 во Германија ќе мора да се напојуваат со електрична енергија во наредните години. Исто така, големите производители се борат да бидат во чекор со побарувачката.
Електричните автобуси би можеле да бидат заштеда на пари за транспортните компании, бидејќи бараат помалку одржување. Возењето со струја е и до 60 отсто поевтино од бензинот. Намалувањето на цените на батериите и зголеменото масовно производство на компоненти го направија поатрактивно претворањето на возилата на бензин во електрични. Херб истакна дека ако човештвото се стреми кон декарбонизација, таа нема да биде можна без ваков вид преобразување.

Дали вреди да се преобразат и автомобили?

Замената на моторите со внатрешно согорување со електрични е технички можна за сите автомобили. Потребно е отстранување на стариот мотор и менувач, за да се направи место за електричниот и батериите. Инженерите треба да развијат специфични електрични системи за управување за секој автомобил.
Првиот автомобил што Херб го конвертира беше „порше 911“ во 2014 година. Херб вели дека преобразувањето на стар автомобил чини околу 60.000 евра. Комплетите за склопување за инсталирање електрични мотори и батерии за стари автомобили чинат најмалку 10.000 евра и бараат повеќе од 100 часа работа. Технички поткованите што сакаат сами да го преземат проектот можат да заштедат многу пари и да платат компании како „Елера“ едноставно да ги советуваат.
Но Херб вели дека преобразувањето на класичните автомобили не вреди од економска перспектива. Тој има сличен став за помалите обични автомобили. Херб вели дека редовно мора да ги советува клиентите дека купувањето автомобили како електричното возило на „Фолксваген“ би било поевтино и подобро отколку да се преобрази веќе постоен модел „поло“ од истоимениот производител.

Преобразување на автомобили за градот

Покрај автобусите, три нови камиони чекаат да бидат пренаменети во работилницата на Херб. Исто така, неговиот тим ги претвора возилата во такви на електрични погон на четири тркала. Секој ќе биде опремен со батерии и специјално дизајниран софтвер. Овие возила се добри за возење во зима и затоа се работи на мала серија со електричен погон на четири тркала за градовите.
Неговата работилница не е единствената во Германија или во Европа што ги надградува обичните возила со електрични мотори. Со оглед на тоа што европските градови работат на намалување на загадувањето на воздухот и бучавата и следејќи ги новите правила на ЕУ за заштита на климата, има многу работа што треба да се заврши. Дури и компаниите за испорака, како што е УПС, сè повеќе ги претвораат обичните возила во електрични.