Саудијците лани потрошиле 62 милијарди евра на оружје и опрема

Петтиот најголем купувач на воена опрема во светот, Саудиска Арабија, може да биде принуден да го намали трошењето на оружје поради падот на цените на нафтата, а тоа значи и крај на една ера на Блискиот Исток

Саудиска Арабија може да биде принудена да ги откаже новите договори за оружје и да ги одложи веќе договорените набавки за воена техника, бидејќи финансиската криза полека го зафаќа и кралството, предвидуваат експертите.
Очекуваното одложување на новите зделки за оружје може да има долгорочни политички реперкусии за земјата под власта на Мохамед бин Салман, принц и де факто владетел што ја водеше крвавата војна со соседен Јемен.

Саудиска Арабија се соочува со огромна криза во буџетот, поради падот на нафтените пазари, но и поради глобалното економско превирање предизвикано од пандемијата на ковид-19, со што се намали побарувачката за нафта во блиска иднина.
– Не се сомневам, ова е крај на една ера. Заврши ерата со пари на Персискиот Залив – вели Брус Ридел, 30-годишен ветеран на Централната разузнавачка агенција во Вашингтон, кој служеше како советник за прашања од Блискиот Исток на неколку американски администрации.

Минатата година Саудиска Арабија потроши околу 62 милијарди американски долари за воени потреби, што ја прави петтиот купувач на воена техника на глобално ниво. Иако таа бројка е помала отколку во 2018 година, сепак претставува околу осум отсто од БДП на Саудиска Арабија, што значи дека земјата потрошила поголем дел од своето богатство на воени трошоци од САД (3,4 отсто), Кина (1,9 отсто), Русија (3,9 отсто) или Индија (2,4 отсто), се наведува во податоците што неодамна беа објавени во истражувањето на Меѓународниот институт за мир на Стокхолм (СИПРИ).

Со децении ова трошење ја засилуваше политичката и воена моќ на земјата.
– Ако Саудиска Арабија не беше еден од најголемите купувачи на оружје, веројатно не ќе можеше да смета на поддршката на моќните западни сили. Еден од резултатите од набавката на оружје е што со тоа ги купувате и односите – вели Ендру Фејнштајн, експерт за корупција и глобална трговија со оружје.
Велика Британија ѝ продава повеќе оружја на Саудиска Арабија отколку на која било друга земја, поточно повеќе од 4,7 милијарди фунти. Обединетото Кралство ѝ има продадено на Саудиска Арабија оружје откако почна кампања за бомбардирање во земјата против Јемен, некаде во март 2015 година.

Борис Џонсон се соочи со критики зашто дозволи продажбата на оружје да продолжи и покрај загриженоста дека Велика Британија ризикува да биде обвинета за прекршување на меѓународното хуманитарно право со помагањето на Саудиска Арабија во нејзината кампања.
Ендрју Смит, вклучен во кампањата против трговијата со оружје, вели дека набавките може да се одложат на краток рок, особено оние поголемите, како на пример новиот пакет борбени авиони за кои Британија преговара подолго време со Саудиска Арабија.
Од друга страна, принцот Мохамед нема само финансиска криза за која треба да стравува. Во САД тој се соочува со политиките на Џо Бајден, најневеројатниот демократски кандидат за претседател на изборите во ноември.

Бајден веќе изјави дека тој ќе ја спречи продажбата на американското оружје на Саудиска Арабија и го нарече „пародија“сегашното раководство во таа земја.
Цените на нафтата треба да се одржат на околу 85 долари за барел за Саудиска Арабија да го одржува својот буџет ликвиден, велат експертите. Наместо тоа, кралството треба да ги исфрли своите резерви, кои во меѓувреме се намалија од 750 на 500 милијарди долари во последниот период.

Јавно се чини дека Саудиска Арабија троши пари и покрај фактот што неодамна земјата воведе огромно покачување на даноците и кратењата на буџетот.
Некои од аналитичарите не се согласуваат дека Саудијците ќе го зауздат трошењето. Кристијан Улриксен, соработник на Блискиот Исток во институтот за јавна политика „Бејкер“, вели дека тој е убеден оти Саудијците може да се обидат да ги зголемат своите инвестиции во одбраната и покрај економскиот притисок, сомнежите и посветеноста на САД околу безбедноста на Саудиска Арабија.