Природната вентилација во медитеранските градови повеќе нема да функционира

Југот на Стариот Континент ќе биде многу полошо погоден од Северот, што ќе доведе до силен раздор во и онака поделената Европска Унија. Прогнозите се дека Европа некаде ќе ја зафатат топлотни бранови со големи суши и пожари, а на други места поројни дождови и урагани, велат Карл Матисен, Калина Орошакоф, Џована Кои и Арнау Бускетс Гвардија од „Политико“

Државите од Стариот Континент пред нови и големи искушенија

Климатските промени не се закана само за Европа туку и за целата Европска Унија (ЕУ). Северот на Стариот Континент ќе се бори со поплави и пожари, додека Југот ќе го пустошат суши, урбани топлини и пад во земјоделството, што ќе предизвика силен раздор токму околу едни од најголемите политички разлики во блокот. Магазинот „Политико“ дојде до извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПКК), во кој се предвидува мрачна иднина предизвикана од климатските влијанија што најмногу ќе се одразат врз сиромашните земји. Водечките климатски научници предупредуваат дека милијарди лица се под ризик од хроничен недостиг од вода, десетици милиони се изложени на глад, а местата во близината на екваторот ќе се соочат со невидени жештини, освен ако не се преземат чекори за да се ублажат климатските шокови.

Топлотните бранови ќе станат секојдневие во Европа

Според истражувањето, со затоплување од 1,5 Целзиусов степен речиси едно од пет лица во Европа и во Велика Британија ќе биде изложено на топлотен бран. Градовите обично се потопли за пет до десет степени од околната периферија, но се очекува тоа да се промени, особено на Југот. Во Рим и други медитерански градови, традиционалните архитектонски системи што се потпираат на природна вентилација повеќе нема да функционираат. Покрај тоа што милиони мигрираат од рурални средини во градските бетонски џунгли, населението во Европа старее и станува поранливо. Токму постарите се изложени на највисок ризик од топлотни удари и истоштеност, што може да доведе до астма, кардиоваскуларни и респираторни болести, но и до смрт. Ова ќе биде најизразено во Јужна и Централна Европа. Од подрастично зголемување на температурите, нема да биде поштеден ни Северот. Екстремните жештини би можеле да убиваат околу 95.000 Европејци, што е над 30 пати повеќе од просекот. Првичниот одговор секако се клима-уредите, но се очекува нивната употреба двојно да се зголеми до 2035 година. Во Јужна Европа веќе се отвора голем јаз меѓу оние што можат и не можат да си ги дозволат. Европа постепено ќе стане жежок континент, па не треба да изненадува ако Лондон, Копенхаген и Брисел наскоро почнат да ставаат кепенци или ролетни на објектите, како во Атина, Марсеј, Неапол, Рим или Севилја.

Некому мајка, некому маќеа

За дел од европските земјоделци, климатските промени може да бидат корисни, така што ќе им овозможат подолги жетви и берби, па, така, Северот би можел да произведува многу повеќе храна. Но за други делови од континентот ова е многу неповолно. Југот би се борел со екстремни суши и недостиг од вода, а дури над една третина од населението во овој дел на Европа би имало проблеми. Областите околу Медитеранот ќе бидат најтешко погодени од подолги сушни периоди, што ќе го отежни одгледувањето на житните култури, а во екстремно сценарио, производството би се намалило за половина. Без наводнување, ќе биде речиси невозможно да се одгледува пченка во Шпанија, Франција, Италија и на Балканот, а во иднина веројатно најдобрите домати ќе бидат германски. Секундарниот проблем што се јавува е постепено губење на руралните заедници и традиции. На овој начин ќе се наруши светскиот синџир на испорака, а растот на цената на храната ќе ја збогати значително Северна Европа за разлика од Јужна.

Појава на екстремни временски услови

Климатските промени нема да ги заобиколат ниту домовите. Топлиот воздух значи и повеќе вода. Прогнозите за овој век велат дека повеќе делови од Европа, особено на север, ќе се соочат со 35 отсто поекстремни врнежи од дожд на зима. Поплавите би станале годишен проблем за околу пет милиони Европејци. Зградите, бетонот и асфалтот ја оневозможуваат природната апсорпција на дождот, што претставува особен ризик за Париз, Солун, Букурешт и Барселона. Поплавите се опасни за посиромашните населби и домаќинства. Излевањето на реките во иднина би можело годишно да погоди половина милион лица, додека штетата шесткратно би се зголемила од постојните 7,8 милијарди евра. Се очекува поплавите особено да бидат изразени во Северна и Централна Европа, Велика Британија и Ирска.

Продлабочување на нееднаквоста

Европската комисија не обрна многу внимание како климатските промени ќе ја продлабочат нееднаквоста меѓу Северот и Југот, која за малку ќе ја проголташе еврозоната во изминатата деценија. Постои загриженост дека Југот значително ќе биде економски попогоден од Северот, најмногу поради смртноста од топлотните бранови, кои ќе придонесат за намалување на работната продуктивност, особено во Медитеранот. Така, климатски дефицити во економијата ќе се јавуваат секоја година. Затоа Европската комисија подготви нова стратегија во февруари што би можела да даде одговор на проблемот. Но нејзиното усвојување се одвива побавно од брзината на климатските промени. Освен ако Европа сега не инвестира во заштита на најпогодените области, се ризикува појава на најлошото сценарио и да се води тешка политичка дебата што да се спаси, а што да се жртвува.