Различни политички интереси и евроскептични струи ја влечат Унијата во различни правци

Кога Британците гласаа да ја напуштат Европската Унија, некои во Брисел видоа позитивен исход. Барем сега нема да биде толку тешко да се постигне компромис на преговарачката маса, а преостанатите 27 членки би можеле да тргнат напред непречени од британското вето, сметаа тие. Мачната маратонска расправа за фондот за заздравување од коронавирусот ги уби сите сугестии дека блокот не е длабоко поделен, дури и без Британија.
Делумно, тоа е така затоа што старите рани на кризата во еврозоната никогаш не се излекуваа. Земјите сè уште се заглавени во познати позиции – северните штедливи „светци“ наспроти јужните „грешници“.

Но вистинскиот проблем лежи на друго место и се однесува на тоа како политичарите на ЕУ ја претворија темата за европска интеграција во оружје, кое треба да им служи за нивните домашни политички цели.
Без разлика дали сте холандскиот премиер Марк Руте или италијанскиот премиер Џузепе Конте, вие на сличен начин гледате кон вокална, и на крајот моќна, политичка група што агитира за одредена визија за иднината на ЕУ. Тие различни домашни визии речиси секогаш меѓусебно се судираат.
Самитот на Европскиот совет, каде што лидерите на ЕУ се мачеа да постигнат договор за средствата потребни за ублажување на економската катастрофа предизвикана од пандемијата, одново ги разголи политичките поделби за иднината на Европа: меѓу Северот и Југот за финансиската солидарност и меѓу Истокот и Западот за владеењето на правото.

Можеби има силно одобрување за членство во ЕУ низ целиот континент, но граѓаните во различни земји не мора да се согласат за тоа како да ја формираат иднината на блокот или каква треба да биде нејзината улога во нивните животи.
Откако ЕУ се прошири и вклучи повеќе членки, таа прерасна од унија за економска интеграција кон проект што вклучува и други области на соработка, што е жестоко оспорувано прашање кон кое земјите-членки сè повеќе гледаат различно.
Овие прашања за европска интеграција станаа совршена алатка за политичките опортунисти, кои доживуваат подем со реториката против естаблишментот и експлоатираат поделби во рамките на главните политички струи. Сега, како дел од политичката дебата во повеќето земји, овие играчи и евроскептици го зголемија притисокот врз националните лидери да покажат дека се залагаат за националниот интерес на ниво на ЕУ.

Подемот на екстремно десничарскиот политичар Герт Вилдерс во Холандија е главен пример за овој тренд. Тој ја основа својата Партија за слобода по успешната кампања против создавањето устав на ЕУ во 2005 година, кога мнозинството холандски гласачи се изјаснија против договорот на референдум. Поттикнат од таа победа, тој ги мобилизираше евроскептичните чувства меѓу гласачите на главните партии за да стекне изборни успеси.
Во Италија, подемот на Матео Салвини како лидер на екстремната десница беше резултат на неговата успешна мобилизација на широко распространетите погледи меѓу Италијанците, по последиците од кризата во еврозоната и бегалската криза, кога ЕУ ја остави Италија на цедило. Во Брисел, тој најде совршено жртвено јагне за голем број домашни проблеми.

Подемот на овие евроскептични политички опортунисти и самата политичка фрагментација имаат длабоки ефекти врз ЕУ. Најзначајно, тие го прават склучувањето договори уште потешко.
Ова е најочигледно кога наближуваат изборите. Тешкиот преговарачки став на Рут е делумно и изборна пресметка, но ловот на гласови е само дел од приказната. Австрија и Данска исто така влегоа цврсто во преговорите, иако изборите беа одржани минатата година. Начинот на кој се политизира проблемот варира значително меѓу земјите, што само го усложнува работите. Секоја влада има свој евроскептичен агитатор.
На пример, земете ги холандските и италијанските ситуации – две држави што симболизираа спротивни страни во борбата за буџетот. Во Италија, Лигата на Салвини и Браќата на Италија на Џорџија Мелони го притискаа премиерот за заеднички корона-обврзници без никакви предуслови. Според неодамнешните анкети, јавното мислење во Италија е претпазливо кон ЕУ не затоа што Италијанците сметаат дека има премногу интеграција, туку затоа што сметаат дека имало премногу малку. Тие чувствуваат дека се напуштени од ЕУ и Конте требаше да испорача договор што значително отстапуваше од досегашната ситуација.

Во Холандија, пак, Партијата за слобода на Вилдерс и Форумот за демократија на Тиери Бауде го притискаа Руте да одбие договор што вклучува значителен износ на грантови, заеднички издадени обврзници и малку услови. Според анкетите, холандското јавно мислење е за помала, а не за поголема европската интеграција. Руте требаше да испорача договор што ја задржува довчерашната ситуација.
Двајцата лидери предводат ситно парламентарно мнозинство и се соочени со гласна политичка опозиција, која агитира против Брисел, иако од различни причини и во спротивни насоки.
Ако кон ова се придодаде сличната динамика и во другите земји на ЕУ, тогаш имате рецепт за долги и мачни преговори и на наредните европски самити.