Зголемувањето на цените на струјата, како и недостигот од суровини и делови значително влијаат на производството на електрични автомобили

Нови проблеми во стратегијата за намалување на штетните емисии

Шефовите на индустријата во Германија велат дека високите трошоци имаат влијание врз производството на возила и на продажбата, истакнува Кејт Коноли за „Гардијан“

Зголемените трошоци за енергија им ја загрозуваат иднината на електричните автомобили, предупредија шефовите на индустријата во Германија. Зголемувањето на цените на електричната енергија, како и на трошоците и достапноста на суровините, хроничниот недостиг од делови и широкото намалување на расположливиот приход имаат значително влијание врз производството и продажбата на автомобили.

Ако трендот продолжи, постои и загриженост дека ќе се одрази врз инвеститорите на кои ќе им недостигаат иницијативи да градат капацитети за полнење, што ќе ги направи електричните автомобили помалку атрактивни, бидејќи тие би биле понепрактични за користење. До неодамна сопственоста на електрични автомобили добиваше привлечност бидејќи растеше цената на бензините. Но од неодамнешните поскапувања на електричната енергија, на пример во Германија за околу една третина, во споредба од пред една година, се намали разликата во цената.

Раст на цената за полнење на електричните автомобили

Сопствениците на електрични автомобили, без разлика дали ги полнат своите автомобили дома или преку договори со операторите за полнење, забележаа пораст на цените од 10 отсто или повеќе. Се очекуваат натамошни поскапувања, поради фактот што цената на електричната енергија е поврзана со цената на гасот, која станува сè поретка откако Русија го исклучи снабдувањето со гас за Германија пред речиси две недели.

„Алего“, еден од најголемите оператори на станици за полнење во Германија, ги зголеми своите цени на почетокот на септември од 43 центи за киловат-час на 47 центи. Експресното полнење, преку континуирана струја, се зголеми од 65 на 70 центи за киловат-час, додека најбрзото, таканаречено ултра брзо полнење, се зголеми од 68 центи на 75 центи за киловат-час. Дури и дисконтите, синџирите маркети за продажба на производи за рачни изработки и продавниците за мебел, кои до неодамна им нудеа на клиентите бесплатно плаќање додека купуваа, сега воведуваат трошоци.

Според автомобилскиот економист Стефан Брацел, ваквиот развој на настаните е непосредна закана за индустријата. Тој за германските медиуми порача дека експлозијата на цената на електричната енергија може да заврши како акутна опасност за транзицијата на возилата и треба да се биде внимателен околу тоа.

Брацел, кој исто така е основач на Центарот за управување со автомобили (CAM), додаде дека ако електричните автомобили станат поскапи за користење, може целосно да пропадне напливот на побарувачката на електрични возила, бидејќи ретко кој ќе биде во можност да купи електричен автомобил. Тој и другите поборници за користење електрични автомобили сега ја повикуваат германската влада да се погрижи цената на електричната енергија да остане под цената на бензинот, за која велат дека е клучна за иднината на електричните автомобили.

Хелена Висберт, директорка на Центарот за истражување на автомобили со седиште во Дисбург, во неодамнешниот коментар за економскиот дневен весник „Нанделсблат“ напиша дека електричните автомобили ја губат својата привлечност.

Кратење на субвенциите за електрични автомобили

Државните субвенции за електрични автомобили треба да се преполоват на 4.500 евра од 2023 година, додека купувачите на хибриди со електрично полнење, кои моментално добиваат исплата од 6.750 евра за нив, повеќе нема да бидат поддржани. Целокупната расположлива сума пари треба да биде ограничена на 2,5 милијарди евра, доволно за покривање на бонусите за само 400.000 електрични автомобили, што е помалку од еден отсто од автомобилите на германските патишта.

Набљудувачите на индустријата велат дека не веруваат дека реформата на Европската Унија (ЕУ), со која би се одвоила цената на електричната енергија од цената на гасот, ќе се случи доволно брзо. Брацел од CAM истакна дека поттикот на пазарот треба да функционира, а сега тоа е апсолутно во преден план.

Еден предлог што би можел релативно брзо да се спроведе е да се зголеми данокот на возила за автомобилите со дизел и бензин. Во моментов електричните автомобили не се подобни за данок на возила. Тие исто така можат да користат автобуски ленти и паркиралишта недостапни за автомобилите што користат фосилни горива.
Во Норвешка, каде што Владата рано го усвои финансискиот поттик за купување електрични автомобили и воспостави широка мрежа за полнење, 64,5 отсто од новите автомобили регистрирани минатата година беа електрични возила, ставајќи ја на врвот на листата составена од Здружението на европски производители на автомобили. Германија е на шестото место на листата со 13,6 отсто, а Велика Британија на деветтото, со 11,6 отсто.