Најпогодени од недостигот од микрочипови во снабдувањето се европските и американските автомобилски индустрии

Според најновите податоци на шпанското здружение на автомобилски дистрибутери „Факонауто“, поради глобалниот недостиг од чипови, клиентите сега за нов автомобил треба да чекаат во просек шест месеци, за разлика од 2019 година кога чекале само еден месец, пишува Фернандо Хелер за „Еурактив“

Глобалниот недостиг од електронски компоненти како последица од нарушувањето на меѓународните синџири на снабдување што следуваше по пандемијата се смета дека е главна причина за одложувањата, според „Факонауто“.

Медиумскиот партнер на „Еурактив“, новинската агенција ЕФЕ, извести дека во 2020 година автомобилските фабрики прекинале со производство, со цел да го спречат ширењето на ковид-19, предизвикувајќи таков колапс на побарувачката што довело до драматична промена во глобалната логистика.

Сево ова беше проследено со рекордна побарувачка за компоненти, на која не можеше да биде одговорено, изјавија за ЕФЕ од шпанскиот автомобилски сектор. Истиот извор посочил дека конфликтот во Украина и растот на цените на енергијата значајно придонеле за сериозноста на проблемот.

Неодамнешниот извештај на фабриката „Сумауто“ откри дека просечното време на чекање за електрично возило е уште подолго, бидејќи постои поголема потреба од микрочипови, што значи дека во просек испораката на електрични автомобил може да потрае и до седум месеци. Најпогодени од овој недостиг во снабдувањето се европските и американските автомобилски индустрии, додека азиските производители на автомобили, кои се потпираат на сопствени снабдувачки синџири, се помалку погодени.

Покрај овие одолжувања во испораката на нови автомобили, скокна и побарувачката за половни возила, а со тоа и нивните цени. Во споредба со 2019 година, продажбата на автомобили во Шпанија годинава е послаба за околу 40 отсто. Така, само во август, бројот на автомобилски регистрации беше за 9,1 отсто помал од истиот месец лани и дури за 30 отсто помал од оној во 2019 година, се истакнува во соопштението на здружението на работодавачи на шпански автомобилски производители АНФАЦ. Исто така, податоците велат дека во првата половина од годината, извозот на возила произведени во Шпанија на годишно ниво опаднал за 7,7 отсто.

Во однос на бројката на произведени возила, Шпанија во моментот се наоѓа на второ место во ЕУ и на осмо во светот, покажуваат официјалните податоци од 2018 и 2019 година. Во автомобилската индустрија на земјата работат околу 570.000 луѓе.