Бившиот претседател на САД Џорџ Буш или членовите на неговата администрација сигурно нема да одговараат пред суд за почнување војна на агресија против Ирак во 2003 година. Но сепак е важно да се нагласи дека тоа е нелегално и спротивно на меѓународното право, особено во момент кога САД се однесуваат толку агресивно кон земји како Иран

Питер Сингер

Весникот „Њујорк тајмс“ неодамна ја одбележа 15-годишнината од војната против Ирак предводена од Америка со остра колумна на ирачкиот писател што живее во САД, Синан Антун, со наслов „Пред 15 години, Америка ја уништи мојата држава“. Антун им се спротивстави на бруталната диктатура на Садам Хусеин и на инвазијата предводена од САД од 2003 година, кои ја втурнаа државата во хаос, ги зголемија етничките тензии и притоа загинаа стотици илјади граѓани. Со дестабилизацијата на регионот, војната го овозможи подемот на Исламска држава, која во екот успеа да приграби значителен дел од ирачката територија, ги обезглавуваше нејзините противници, се обиде да изврши геноцид врз малцинските Језиди и да го рашири тероризмот во целиот свет.

Несомнено војната да се собори Садам од власт беше трагична грешка. Антун, пак, ја смета и за воено злосторство. Ако тоа е точно, тогаш сторителите сè уште се на слобода. Малку Американци ќе го сфатат сериозно тврдењето дека воени злосторници се претседателот Џорџ Буш Помладиот и другите членови на неговата администрација, заедно со потпретседателот Дик Чејни, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и Џон Болтон, кого претседателот Доналд Трамп неодамна го назначи за нов советник за национална безбедност. Ниту повеќето Британци не го мислат истото за премиерот Тони Блер. Сепак, изненадувачки е колку се силни аргументите дека тие извршиле злосторство.

Идејата дека е злосторство да се почне војна на агресија датира барем од 1919 година, кога според Версајскиот договор на кајзерот Вилхелм Втори требаше да му се суди за „највисок престап против меѓународниот морал“. Вакво судење не се случи по завршувањето на Првата светска војна, но по Втората светска војна, почнувањето и водењето војна на агресија беше едно од четирите обвиненија за кои за време на Нирнбершките судења, Меѓународниот воен суд осуди на смрт 12 нацистички лидери, меѓу кои рајхсмаршалот Херман Геринг, министерот за надворешни работи Јоахим фон Рибентроп и фелдмаршалот Вилхелм Кајтел.

По судењата, Меѓународната комисија за право на ОН ги кодифицираше истакнатите правни принципи во документ познат како Нирнбершки принципи. Принципите наложуваат дека секој што ќе изврши криминал во рамките на меѓународното право има одговорност за тоа и подлежи на казни без разлика на законитоста на нивното однесување според законите на државата во која дејствувале. Во документот се утврдени неколку злосторства според меѓународното право, вклучувајќи го „планирањето, подготовките, почнувањето или водењето војна на агресија или војна на кршење на меѓународните договори, спогодби или гаранции“, како и „учеството во заеднички план или заговор“ за почнување или водење таква војна.
САД и Британија одиграа главни улоги во Нирнбершките судења. Ако не успеат да им ги наметнат истите стандарди на нивните лидери, нели тогаш се работи за еден вид лицемерство?

Инвазијата на Ирак беше акт на агресија против држава што не напаѓаше или се закануваше дека ќе нападне друга држава. Исто така беше кршење на Повелбата на ОН, која го вклучува исказот: „сите членки во нивните меѓународни односи нема да користат закани или сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава или на каков било друг начин што не е во согласност со Целите на ОН“. Буш и Блер бараа дозвола за напад од Советот за безбедност на ОН, тврдејќи дека Ирак го прекршил договорот за разоружување. Но Франција, Кина и другите членки на Советот одбија да го сторат тоа според тврдењето дека на инспекторите за оружје требало да им се дозволи да продолжат со нивната работа за да утврдат дали Садам поседува оружја за масовно уништување. Сепак, Буш и Блер решија да нападнат.

Болтон, кој тогаш беше државен потсекретар за контрола на оружјето и за меѓународна безбедност, беше дел од „заедничкиот план“ за водење војна на агресија. Тој ги злоупотреби разузнавачките аналитичари што не се согласуваа со позициите, кои администрацијата на Буш сакаше да ги поддржуваат. Џон Прадос, соработник во архивата за национална безбедност на универзитетот „Џорџ Вашингтон“, коментираше дека „аналитичарите задолжени за разузнавањето во Ирак не можат да се обвинат за донесување свои заклучоци затоа што нивните кариери можеле да бидат загрозени доколку не дадат одговори што сакала да ги слушне администрацијата на Буш“. Администрацијата на Буш се повика на лажни и погрешни докази, особено на фалсификувани документи, кои наводно покажуваа дека Ирак сакал да купи ураниум од Нигер како еден вид оправдание за веќе претходно донесената одлука да го нападне Ирак, кој е богат со нафта.

Блер ја оправда инвазијата како неопходна за да им се стави крај на злосторствата на Садам против човештвото. Во скорашните мемоари, ваквото тврдење го отфрли Герет Еванс, поранешниот австралиски министер за надворешни работи и водечки автор на доктрината „Одговорност што треба да се штити“, која сега е основата за меѓународното размислување кога е оправдана војната за хуманитарна интервенција. Тој признава дека Садам извршил ѕверства во 1980-тите и во почетокот на 1990-тите што ја оправдуваат интервенцијата, но до 2000 година неговото однесување „не било поразлично од она на други сериски прекршувачи на човековите права во светот“.

Мали се шансите дека на Буш или на кој било друг член на неговата администрација некогаш ќе му се суди за злосторството за почнување војна на агресија. Такво судење очигледно треба да се случи во Меѓународниот кривичен суд. Иако претседателот Бил Клинтон го потпиша договорот за негово формирање, администрацијата на Буш го поништи потписот, па затоа САД сè уште не се дел од договорот.
Сепак, тоа не значи дека нема цел да се дискутира за тоа како да се казни криминалната природа на нападот на Ирак. Меѓународните тензии постојано се зголемуваат откако Трамп е на функција. Назначувањето на Болтон дополнително ќе ги подгрее тензиите поради неговите крајно агресивни ставови кон земји како Иран. Сега е време да се потсетиме дека почнувањето војна на агресија честопати е голема грешка и секогаш е злосторство, особено ако злосторството остане неказнето.

Авторот е професор на универзитетот „Принстон“