Во сојузот изграден на демократските идеали се забележува подемот на авторитарните лидери

Роб Бершински

Во предизборието, повеќето набљудувачи сметаа дека тој сигурно ќе победи, долгогодишниот евроазиски автократски лидер кој е против човековите права, злобните западни сили и алчните „меѓународни шпекуланти“. Тој вети дека ако го добие четвртиот мандат, дека брзо ќе им се одмазди на непријателите на државата. Неговата владејачка партија ќе биде „задоволна од победата“ против нејзините непријатели, еднакво внатрешни и надворешни, ветувајќи на јазик кој еднакво звучи заканувачки и искрено.
Ова звучи како да станува збор за Владимир Путин, но токму напротив. Станува збор за лидерот на еден американски сојузник. Под власта на премиерот Виктор Орбан, кој неодамна доби уште еден мандат, Унгарија стана поавтократска и руски ориентирана држава и истовремено е членка во НАТО.

Покрај заканата од рускиот авантуризам, НАТО се соочува со нова закана, а непријателот доаѓа однатре. Алијансата на 29 држави чија цел е колективната одбрана, особено по крајот на Студената војна, се дефинираше самата преку група на заеднички вредности и членство составено од демократии кои ги почитуваат човековите права. Понекогаш беше спорна точноста на ова самоидентификување пред падот на Берлинскиот ѕид. Денес, таа можеби и не важи. Од Будимпешта до Варшава и до Анкара, една нова генерација автократски лидери во рамките на алијансата сакаат да управуваат со државите на начин поблизок до оној на Путин отколку до демократските реформатори во периодот што следуваше веднаш по крајот на Студената војна. Поради ова се поставува прашањето дали алијансата, чија цел е да ја ограничи моќта на Советскиот Сојуз и која наводно се потпира на демократските идеали, може да ги издржи нападите на владеењето на правото на една зголемена подгрупа на нејзините членки.

Во стратегијата за национална безбедност подготвена во 2017 година од администрацијата на Трамп се вели дека „Русија има цел да го ослаби американското влијание во светот и да ги отуѓи нивните сојузници и партнери“. Пораката, која е точна, лошо го претставува наводниот автор на стратегијата, така што, меѓу другото, таа индиректно се однесува на руското мешање во претседателските избори од 2016 година во корист на Доналд Трамп. Јавна тајна е дека целта на Русија да ги оддалечи САД од нивните сојузници е дел од она што првенствено го привлече Трамп. Во претседателската кампања, Трамп го нарече НАТО „застарен“. Како претседател, тој првично одби да ја потврди посветеноста на Америка во заедничката одбрана, пред да се обиде да го промени курсот на инсистирање на неговите советници.
Руското мешање во изборите од двете страни на Атлантикот и особено со скорашното наводно труење на поранешен шпион во Велика Британија, можеби ненамерно ги зближи повеќето сојузници во НАТО. Сепак, поделбите што потекнуваат од слабеењето на демократиите во членките на НАТО можеби долгорочно ќе придонесат за остварување на руските цели.

Да ја земеме предвид прво Унгарија, која порано беше успешна демократија во периодот по Студената војна. Откако дојде на власт во 2010 година, владата предводена од Виктор Орбан направи далекосежни промени во Уставот, изборниот законик и судството во државата. Целта беше да се политизираат речиси сите елементи од владините институции во корист на Фидес, партијата на Орбан, и да се овозможи брутален ортачки капитализам.
Орбан, кој немаше силен политички противник на изборите, навредите ги насочи кон мигрантите, муслиманите, ЕУ и Џорџ Сорос, додека постојано флертуваше со антисемитизмот. Овие пораки беа пренесени преку некогаш независните медиуми кои сега се под контрола на сојузниците на премиерот. Групите за граѓански слободи во државата, кои со години се цел на правни напади, се соочуваат со големи тешкотии ако не и целосно згаснување поради лидерот кој јавно ја фалеше незаконската држава на Путин.

Не само што дома го искористи рускиот модел, туку Орбан исто така усвои проруска надворешна политика и според скорашниот малцински извештај на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, „премиерот не презеде видливи чекори за да го спречи или одврати лошото руско влијание“. Орбан експлицитно ги критикуваше западните санкции против Русија за нејзината инвазија на Украина. Во меѓувреме, повеќето извештаи покажуваат дека руските разузнавачки служби можеби ја користат Унгарија, според еден поранешен службеник во американската амбасада, како „напредна разузнавачка оперативна база во НАТО и во ЕУ“.
Ако политиките на унгарската влада ја доведуваат во прашање посветеноста на државата кон воспоставените вредности и интереси што ја поткопуваат алијансата во НАТО, тогаш Полска како нејзина истомисленичка претставува уште покомплициран пример.

Откако дојде на власт во 2015 година, конзервативната полска партија Закон и правда го одржува долгогодишниот антагонизам на државата кон Русија и прифати да се распоредат сили на НАТО (вклучувајќи и на САД) на нејзина територија. Обединета врз основа на заедничката платформа за национализмот, евроскептицизмот и антиимигрантското чувство, Варшава исто така го присвои и го заштити незаконскиот пресврт на Унгарија во ЕУ. Партијата предводена од Јарослав Качински, поранешниот премиер, го следеше унгарскиот модел на Орбан со засилено темпо, при што следуваше поткопување на независното судство со намалување на капацитетите на невладините организации слободно да функционираат и ограничување на медиумите во државата.

Неодамна во февруари, полската влада го навлече бесот на меѓународната заедница, вклучувајќи го и оној на Стејт департментот за спроведување на закони со кои се забранува говорот во кој се споменува полската влада или народ во Холокаустот. ЕУ, која беше критикувана што не успеала да го спречи пресвртот на Унгарија кон нелиберализам, на овие чекори одговори со повикување на процедурите од член 7 од Европскиот договор или таканаречената „нуклеарна опција“ според која на Полска би ѝ се одземале правата за да гласа во рамките на блокот.
Шансите за ваков исход сепак се мали. Орбан и Качински јасно покажаа дека ќе се поддржат еден со друг со формирањето на нова „оска на нелиберализмот“ внатре во Европа. Алијансата на НАТО ќе се соочи со проблематичната чудна двојка. Од една страна е лидерот чија влада отворено сака поблиски врски со Кремљ, а од другата страна е лидерот со агресивна политика кон Русија, чија влада прифати распоредување на една од четирите мултинационални „борбени групи“ на источната периферија на НАТО, но сепак долгорочно може да ја зајакне улогата на Русија со испразнување на државните институции и поддршката за неговиот јужен сосед.
Од сите проблематични аспекти, паралелните напади на владеењето на правото во Унгарија и Полска не се ништо во споредба со оние во Турција. По неуспешниот обид за пуч во јуни 2016 година, владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во која беа уапсени околу 60.000 лица, а илјадници ја изгубија својата работа. На почетокот од годинава, во годишниот извештај на „Фридом хаус“, претходната оцена на државата од „делумно слободна“ сега се претвори во „неслободна“. Според групите за заштита на човековите права, владата на Ердоган е вмешана во исчезнувања на лица и тортура, и воедно почна да ги гони граѓаните за критики на социјалните медиуми.

Турција прерасна во авторитарна држава во истиот момент кога ги влоши дипломатските односи со САД. На 13 март, турското јавно обвинителство покрена обвинение против пасторот Ендрју Брансон за вмешаност во неуспешниот обид за државен удар и притоа побара казна – доживотен затвор. Брансон беше во притвор 18 месеци, а некои аналитичари ова го нарекуваат заложништво што се поврзува со турските барања до САД да го екстрадираат свештеникот Фетулах Ѓулен кого Анкара го обвинува за неуспешниот државен удар. По обвинението за Брансон во февруари беше осуден двојниот турско-американски државјанин и вработен во НАСА, Серкан Голџе, на затворска казна од седум и пол години во случајот за кој американската амбасада во Анкара наводно немаше доволно веродостојни докази.
Покрај тензиите за обидот за државен удар и последиците од истиот, Вашингтон и Анкара долго време имаа разлики во основните политички аспекти во однос на конфликтот во Сирија. Денес, двата сојузника многу се блиску до конфронтација во Манбиџ, сирискиот град под контрола на Курдите. Како и Орбан, Ердоган сака поблиски врски со Русија, со тоа што неодамна Турција најави дека ќе го купи рускиот антиракетен систем со долг дострел „С-400“ наместо интероперабилниот систем на НАТО.

Во текот на Студената војна, членките во алијансата на НАТО понекогаш не успеваа да ги исполнат демократските принципи на северноатлантскиот договор. Португалија стана главна членка на НАТО за време на корпоративната диктатура на Антонио Салазар. Турција, која стана дел од алијансата во 1952 година, претрпи три распади на демократското владеење и последователно воено владеење за време на Студената војна. Исто така, Грција остана членка во НАТО и покрај државниот преврат од 1967 година и седумте долги години на воена диктатура проследени со сериозно кршење на човековите права.
Зајакнатиот авторитаризам во Унгарија, Полска и во Турција најверојатно претставува најголема внатрешна закана по алијансата на НАТО во неговата историја. Секоја алијанса зависи од заедничките цели на нејзините членки. За време на Студената војна, НАТО имаше цел да го зачува мирот во Европа по Втората светска војна со тоа што „го чуваше Советскиот Сојуз надвор од играта, Американците беа главни играчи, а Германците во заднина“, како што беше наведено во прочуеното обраќање на неговиот прв генерален секретар. Со најважната причина за територијална одбрана суштински поништена со распадот на Советскиот Сојуз, НАТО до неодамна во голема мера се оправдуваше преку таканаречените операции „надвор од областите“ на локации како Босна и Авганистан и со моќта на алијансата да ги обврзе членките да ги почитуваат демократските вредности и институции. Во 2016 година, лидерите на земјите-членки на НАТО отидоа дотаму што порачаа дека „суштинската мисија“ беше „алијансата да биде неспоредлива заедница на слобода, мир и безбедност, како и заеднички вредности, вклучувајќи ги индивидуалната слобода, човековите права, демократијата и владеењето на правото“.

Како што забрзано ескалираат тензиите со Русија, повторно се актуализираше територијалната одбрана, особено на оние поранешни советски членки кои ја заштитуваат источната граница на алијансата. Но погрешно би било да се даде приоритет на краткорочната практичност наместо на долгорочната кохезија. На крајот, алијансите се потпираат на доверба, а заедничките вредности се едни од најважните причини што договорните страни можат да си веруваат. Нелибералните пресврти можат да имаат директни последици по споделувањето на разузнавачките материјали и соработката во одбраната. Токму ваков пример е набавката од страна на Турција на системот за воздушна одбрана „С-400“.
Иако северноатлантскиот договор не содржи одредби со кои би се суспендирале членките кои дејствуваат спротивно на неговите принципи, земјите-членки можат да ги оспорат владите кои ги прекршиле. Конгресот и администрацијата веќе преземаат мерки за спречување во таа насока. Стејт департментот неодамна додели грант кој ќе го зајакне притиснатиот независен медиумски сектор, а во минатото им забрани на унгарски функционери обвинети за корупција да патуваат во САД. Администрацијата и членовите на Конгресот ја критикуваа полската влада за нејзините мерки да го поткопа независното судство и да ја ограничи слободата на говорот. Во октомври, американската амбасада во Анкара одлучи да направи преседан со тоа што го замрзна издавањето на визи како одговор на тоа што Турција ги притвори турските граѓани што работеа во американските конзулати.
Дури и построгите мерки, зголеменото финансирање на групите за граѓански слободи или дури и намерните санкции нема да го променат нелибералниот тренд во Турција, Полска и Унгарија во блиска иднина, особено кога претседателот на САД има свои авторитарни тенденции. Сепак, таквите чекори можат да испратат силен сигнал до граѓаните на овие држави и до популистичките лидери во други земји во Европа дека САД (можеби без врховниот командант) размислуваат за пропустите во демократијата во рамките на главната демократска алијанса во светот како прашање на национална безбедност. Алијансата на НАТО како почитувач на човековите права не може долгорочно да ги толерира оние кои нив ги злоупотребуваат ниту може ефикасно да го спречи Владимир Путин и нему сличните во негова близина.