„Пежо е-леџенд“ е електричен автомобил со високи перформанси

Концептот „пежо е-леџенд“ дефинитивно е фаворитот во класата на електричните автомобили. Неговиот дизајн е инспириран од класичниот „пежо 504“ купе, со поагресивен стил кој потсетува на најновата серија на „форд мустанг гт“. Но тој моќен изглед на автомобилот под школката претставува целосно електрична машина и автономно возило. Концептот „е-леџенд“ е изграден со поглед кон иднината. Автомобилот беше изложен на Саемот за автомобили во Париз. Има четири режими на возење, од кои две „автономни“, така што воланот се повлекува во командната табла и се отвора пристап за 49-инчен широк екран. „Мек“ режим кој ги намалува дистракциите и нарушувањата на минимум и опцијата „остар“ режим кој овозможува максимална врска со вашата дигитална активност, како што се социјалните мрежи. Стандардниот режим за возење е режимот „леџенд“, тој поседува „буст “ опција која овозможува повозбудливо возење на автомобилот.

Префрлањето од еден во друг режим на возење, отворањето и затворањето на електричните врати и контролата на музиката се овозможуваат со гласовен асистент. При создавање на овој гласовен асистент главната цел била да се приспособува автомобилот за автономно возење. Но верзијата на овој асистент се развива и неговата улога може да се надградува. Освен тоа што со гласовни команди на автомобилот може да му се наредува каде да вози, се планира можноста да се отклучува и заклучува на овој начин. Но овие опции ќе се инкорпорираат во производствените модели што треба да се произведат следните две години. Засега овој автомобил ги поседува следните опции. Тој се стартува преку панел од десната страна на возачот кој е вграден во автомобилот. Отклучувањето на автомобилот може да се направи преку скенер за отпечаток, кој се наоѓа во близина на левиот долен агол од задниот прозорец од страна на возачот. При отклучувањето на автомобилот се изложува името на сопственикот во долниот десен агол на задниот прозорец на истата страна. Постои можност да се контролира движењето на автомобилот со гласовни команди. Со помош на многубројните сензори тој може автономно да ве следи додека вие непречено се движите. За ова беше задолжена француската компанија „Фокал“, која соработуваше со „Пежо“. Таа го создаде интегрираниот звучен систем на концептот „е-леџенд“. Нивниот звучен систем има разни аудиофункции, меѓу кои и испраќањето на навигациски инструкции до автомобилот за автономно возење.
Внатрешноста на „е-леџенд“ е уникатна. Воланот има аголен дизајн, постои тренд кај индустриските дизајнери да ги создаваат идните дизајни во аголна и квадратна форма. Тоа се истакнува во овој автомобил. „Е-леџенд“, кој поседува 16 екрани, вклучувајќи ги 29-инчниот екран во вратите и двата 12-инчни екрани во сонцебраните што се наоѓа на предните седишта.

Во однос на способностите на автомобилот, „пежо е-леџенд“ е изграден со целосно електричен погон кој доставува 340 киловати на четирите тркала и има забрзување од 0 до 100 километри на час за помалку од четири секунди. „Е-леџенд“ може да овозможи движење до 370 километри без да застане. Со можноста за брзо полнење, батериите на автомобилот можат за 25 минути да се наполнат нешто повеќе од 80 проценти. Предвидено е индуктивно полнење. Она што е највозбудливо околу „е-леџенд“ е нејзиниот надворешен дизајн. Потсетува на автомобили со високи перформаси кои развиваат големи брзини и работат на гориво, како оние автомобили кои вообичаено се прикажуваат по филмовите. За разлика од нив, ова е моќен високософистициран електричен автомобил кој изгледа одлично во сите околности. Со неговите технолошки уреди и стилски изглед се издвојува од другите автомобили и од автомобилите во неговата класа.

[email protected]