Селце во зима
Патека тивка
пред куќа стара.
Врапчето џивка
и храна бара.
Небесно сито
снегулки рои.
Ќумбето свито
со гости свои.
Бесниот ветер
без прекин вие.
Русото дете
чајче си пие.
Вчерашна смешка…
Најнови вести…
Ракија жешка
бабата чести.
А дедо Мето
додека студи –
за едно лето
две зими нуди!
Ескимите
Снегот, мразот
– вечен декор.
Од ирваси молзат млеко.
Главна храна – месо јадат.
Домови од мраз си градат.
Чисти крзна носат сите.
Низ игри им минат дните.
Ловат вешто и без пречки
моржеви и бели мечки.
И тулени, итри фоки,
морски риби по сто оки.
Во нивното лето, братко,
сонце ѕирка, ама кратко!
Лакома песна
– Што ли прави секој сом
и зошто е толку тром?
– Во лапање дни му минат,
па на дното лаза зинат!
– Што ли прави секој вол?!
Зошто толку сака сол?
– Волот зинал, трева голта,
но најслатка му е солта!
– Што ли прави секој слон?!
Зошто тежи преку тон?!
– Сурла само тој ќе вкрсти –
од гранките лисја брсти!
– Што ли прави секој кит
за да биде везден сит?!
– Со зината уста плови
и залаци вкусни лови!
Од инает
и нервоза…
Од инает и нервоза
страда јарец, па и коза.
Обичајот мошне стар е –
не попушта ниту јаре.
Кај јарците среде мостот
разбирање нема, просто.
Да докажат правда (чија?!)
веднаш одат да се бијат.
Тие слепи, тесна греда –
иднината им се гледа.
Поуката вели дека
јарците ќе паднат в река!
Витешка песна
Полжавите ги видоа,
на парада пола чета –
сите што се обидоа
погодија среде мета.
Потоа се построија
со оружје, спретни тела –
пет тврдини освоија
низ чудесни храбри дела.
Мнозина се прославија –
историја ќе се чита.
во царството Полжавија
со ордени нив ги китат.
Врабецот зиме
Мрзне јазот,
речен брег –
стега мразот,
врне снег.
Страшно стана
в село, град –
снема храна,
топол кат.
Дур се смрачи –
„Џив, џив, џив!“
Тоа значи:
„Јас сум жив!“
За авторот
Тоде Илиевски е роден на 7 март 1952 година, во с. Мраморец, Охридско, а почина на 29 јануари 2022 година во Охрид.
Тој беше поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист. Објавил над 9.000 енигматски творби (анаграми, палиндроми и ребуси) и околу 450 шаховски проблеми.
Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како просветен работник во повеќе места во Западна Македонија. Бил директор на Радио Дебар и на НУ библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година. Учествувал во работата на редакциите на „Јужен бран“, „Спизалит“, „Радосна вест“ и „Копнежи“, а бил главен и одговорен уредник на енигматските забавници „Клуч“ и „Ѕуница“. Одделни песни му се препеани на други јазици. Застапуван е во антологии, избори и учебници. Преведувал од словенските јазици.
Илиевски е автор на делата: „Ведро едро“ (поезија за деца, 1990), „Концерт за шумите“ (поезија, 1992), „Изворите во горите“ (поезија за деца, 1999), „Зелен блен“ (поезија, 2001), „Лов на Лебедовото Езеро“ (поезија, 2008), „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“ (лексикон на приватни библиотеки во коавторство со Виолета Мартиновска, 2008), „Липов чај“ (поезија за деца, 2009), „Ќерката на поетот“ (поезија, 2011). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Добитник е на: Повелба на Св. Климент (за творештво, 2002), награда на Празникот на липите (за песна, 2003 и 2006), награда на фестивалот „Славјанска прегратка“ – Варна (за песна, 2008), награда на издавачката куќа „Феникс“ (за краток расказ, 2008) и награда „Ванчо Николески“ (за најдобра стихозбирка за деца, 2010).
Во негова чест во тек е конкурс за најдобра необјавена песна за деца, чии резултати ќе бидат објавени на 7 март, денот кога Тоде Илиевски ќе наполнеше 71 година.