Фото: ЕПА

Од редакциски агол

  • Деновиве Европа е на пауза. Направи дигитална граница (системот за влез/излез – ЕЕС), при што воспостави аналоген (реален) хаос. Системот не ѝ проработи, па се обидува да ја суспендира реалноста. Ова е само уште една епизода во долгата серија на брилијантни европски идеи што на хартија изгледаат како визија од иднината, а во пракса како сценарио за црна комедија. Од енергетски политики што ја направија струјата луксуз, до аграрни регулативи што повеќе ги збунуваат земјоделците отколку што им помагаат, Европската комисија (ЕК) со години демонстрира дека може да ја искомплицира од идеолошки мотиви и наједноставната работа

Ако нешто функционира беспрекорно во Европската Унија, тоа е способноста бирократијата да произведе проблеми со индустриска прецизност – и потоа со истата таа сериозност да формира работни групи за нивно „менаџирање“. Најновиот бисер во таа колекција е системот за влез/излез (ЕЕС), кој требаше да ја внесе Европа во дигиталната ера, а наместо тоа ги врати патниците во нешто што потсетува на гранични сцени од минатиот век, со редици, нервоза и колективно прашање: „Кој го смисли ова?“
Иронично, системот што требаше да ги елиминира печатите во пасошите, успеа да остави многу подлабок печат, и тоа врз нервите на патниците, врз авиокомпаниите и целиот транспортен сектор. Три часа чекање за „побрз и помодерен“ систем?! Ама ајде, ви се молам… Тоа веќе не е технолошки напредок, туку уметничка инсталација на темата апсурд.
Но да бидеме фер – ова не е изолиран инцидент. Ова е само уште една епизода во долгата серија на брилијантни европски идеи што на хартија изгледаат како визија од иднината, а во пракса како сценарио за црна комедија. Од енергетски политики што ја направија струјата луксуз, до аграрни регулативи што повеќе ги збунуваат земјоделците отколку што им помагаат – Европската комисија со години демонстрира дека може да ја комплицира и наједноставната работа.
Сега, кога авиокомпаниите бараат „флексибилност“ или дури суспендирање на системот, човек не може, а да не се запраша дали ова е првпат некој да предложи привремено да се исклучи нешто што не функционира? И дали ќе биде последен?
Затоа што ако логиката продолжи по оваа линија, следниот логичен чекор би бил граѓаните, компаниите и целите индустрии да побараат, со должна доза европска учтивост, привремено суспендирање на самата Европска Унија, ајде да бидеме попрецизни, привремено суспендирање на самата Европска комисија додека не се „дебагира“.
Секако, тоа нема да се случи. Наместо тоа, ќе следуваат состаноци, извештаи, анализи и, најверојатно, нови регулативи што ќе треба да го „подобрат“ системот што веќе не функционира. Зашто во Брисел секој проблем е доказ дека е потребно уште повеќе од истото тоа што го создало проблемот.
Во меѓувреме, патниците ќе продолжат да доаѓаат порано на аеродромите, не затоа што сакаат, туку затоа што мораат. А Европа ќе продолжи гордо да зборува за дигитална трансформација додека нејзините граници се задушуваат во редици.
И така, ЕЕС ќе остане симбол на една поширока вистина. Имено, дека во обидот да се контролира сè, европската администрација сè почесто го губи контролниот панел. А кога системот ќе се урне, секогаш има едно сигурно решение – уште еден систем. Каков ќе биде? Сигурно различен од постојниов! Р.Н.М.