Колегиумска полемика
- Интересна полемика се разви на колегиумот на „Нова Македонија“, поттикната од тезата на Карл Билд во неговата колумна „Повеќе нема суперсили“ објавена во „Проџект синдикејт“ од 21.10.2026 година. Според дискусиите на уредничкиот колегиум, беа изградени три линии за полемика. Првата линија на критика на ставот на Билт е поимна, односно дека „способноста да се наметне апсолутна волја не е исто што и способноста да се обликуваат глобалните односи“. Втората линија на полемика беше геополитичка, односно дека „сојузите, економската принуда и военото одвраќање ја прошируваат моќта на државите и надвор од непосредното бојно поле“. Анализите за новата мултиполарност укажуваат на „растечката важност на сферите на влијание на суперсилите, вклучително и во американската политика, а не дека „повеќе нема суперсили“. И третото поле на критика е од правен и институционален аспект, односно дека „проблемот не е само распределбата на моќта туку и слабеењето на механизмите што треба да го ограничуваат нејзиното самоволно користење“ (моќта на суперсилите, која воопшто не е исчезната)
1. Со тезата во „Проџект синдикејт“ дека „повеќе нема суперсили“, Карл Билд, полемизираше колегиумот на „Нова Македонија“, ја меша неспособноста за апсолутна доминација со исчезнувањето на супермоќта. Тоа не е исто. Фактот што една голема сила не може да ја наметне секоја своја волја не значи дека престанала да биде суперсила.
САД и Русија можеби повеќе не можат самостојно да го диктираат секој исход, но нивниот воен потенцијал, нуклеарните арсенали, економските инструменти, политичкото влијание и способноста да ги менуваат безбедносните услови во цели региони ги прават неспоредливи со државите што Билд ги наведува како средни сили. А во анализата на современата моќ не смее да се изостави ниту Кина, чиј подем е еден од клучните фактори на новата глобална рамнотежа.
Суперсилата не се мери само според тоа дали победува во секоја војна, туку и според способноста да ги наметнува условите под кои другите држави мораат да одлучуваат.
Ограничените резултати на американската воена интервенција не значат дека САД станале обична средна сила. Исто така, рускиот неуспех инстантно да ги постигне своите цели во Украина не ја поништува руската супермоќ. Тоа само ги покажува нејзините ограничувања, кога од другата страна има друга, или други, суперсили заедно, а ја покажа исто така и цената на нејзината употреба. Поразите, застојот и стратегиските грешки се реалност на големите сили, но не се автоматски доказ за нивното исчезнување. Уште поважно, денешната супермоќ не мора да функционира како изолиран хегемон што сам ги диктира правилата. Таа може да се проектира преку сојузи, договори, привремени партнерства и координирани притисоци врз трети држави. Токму тука се наоѓа суштината на новата опасност. Всушност, големите сили во современите текови можат да бидат ривали во една област, а да се согласуваат и да се разберат за поделбата на влијанието, на друга страна.
Кога некои од суперсилите ги третираат регионите како сопствени геополитички дворови, кога со воена закана, санкции, царини или безбедносни уцени бараат отстапки од помалите држави, тие не демонстрираат исчезнување на моќта, туку нејзина сурова употреба. Сферите на влијание не се остаток од минатото; тие повторно стануваат принцип на политичкото однесување. И тука е најголемата слабост во тезата на Билд. Тој ја гледа неможноста за целосна контрола на една суперсила, но недоволно ја согледува способноста за селективна контрола, принуда и договарање над главите на другите. Светот не останува без суперсили. Светот се соочува со суперсили чија моќ можеби може да се оспорува, но и понатаму има последици за целиот свет.
2. Новата мултиполарност не мора да значи свет на рамноправни држави. Таа може да значи свет со повеќе центри на огромна моќ, кои меѓусебно се ограничуваат, но истовремено се обидуваат да ги прошират сопствените сфери на влијание. Мултиполарноста, сама по себе, не е гаранција за демократизација на меѓународните односи; таа може да произведе и повеќе конкуренти за доминација.
Најголемата жртва на ваквата логика е меѓународното право. Кога големите сили преговараат за судбината на други народи надвор од институциите на Обединетите нации, кога војната ја претвораат во инструмент на надворешната политика и кога територијалниот интегритет го подредуваат на сопствените интереси, тогаш проблемот не е што исчезнале суперсилите, туку што нивната моќ сè потешко се ограничува со заеднички правила. Затоа колегиумот на „Нова Македонија“ во повеќето дискусии не се согласи со заклучокот на Карл Билд дека „светот веќе нема суперсили“.
Попрецизно би било да се каже дека завршува ерата на една неоспорна доминација, а се отвора ерата на повеќецентрична супермоќ, во која големите сили истовремено се натпреваруваат, се уценуваат и селективно се договараат. Прашањето, според тоа, не е дали суперсилите исчезнале, туку дали меѓународниот поредок сè уште има доволно сила да ги спречи да го претворат светот во мрежа од сфери на влијание. Суперсилите не исчезнаа. Исчезнуваат ограничувањата што требаше да ги спречат да ја претворат својата моќ во право над другите. Р.Н.М.































