Фото: ЕПА

Бугарската дипломатија ништо не препушта на случајот

  • Кога во изјавата на бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова експлицитно се споменуваат одлуките на бугарскиот парламент (од 2022 г. и најновата од мај 2025 г.), тогаш повеќе од јасно е дека Бугарија става до знаење дека дури Македонија и да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот, Софија веднаш ќе го активира следниот механизам за блокада, кој веќе е законски дефиниран во нивното собрание

Додека актуелните македонски власти се обидуваат да најдат креативни решенија и дипломатски маневарски простор за деблокада на евроинтеграциите, Софија веднаш ја активираше својата тешка дипломатска артилерија.
Имено, бугарското Министерство за надворешни работи преку добро координирана офанзива низ сите европски престолнини, јасно стави до знаење дека нема намера да отстапи ниту педа од позициите што великодушно ѝ ги обезбеди претходната македонска власт со прифаќањето на францускиот предлог во 2022 година. Со пораката дека „секоја запирка е запечатена“, Бугарија отворено најавува дека будно ќе го следи и со вето ќе го пречека секој обид на Македонија за ревидирање на обврските, користејќи ги билатералните протоколи како траен инструмент за политичка уцена.
– Европската интеграција на Македонија зависи од спроведувањето на европскиот консензус од јули 2022 година. Бугарија категорично се спротивставува на обидите на Македонија да ги заобиколи или повторно да преговара за нив. Министерството за надворешни работи, преку мрежата на бугарските мисии во странство во земјите членки на ЕУ и во Скопје, вложува активни напори за да спречи какво било повлекување, заобиколување или доведување во прашање на преземените обврски – изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, како одговор на пратеничко прашање во бугарскиот парламент.
Како што најави, за бугарското Министерство за надворешни работи, приоритетна задача е имплементација на елементите усвоени во јули 2022 година, почитувајќи ги одлуките на бугарското Народно собрание од 24 јуни 2022 година и 30 мај 2025 година за европската интеграција на Македонија.
Таа уште нагласи дека бугарското Министерство за надворешни работи категорично се спротивставува на обидите на Македонија да ги заобиколи или повторно да преговара за нив.
Оваа акција од бугарска страна дополнително е засилена откако известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, побара објаснување од правната служба на Европскиот совет во врска со вториот протокол, односно откако „ја повика правната служба на Советот итно да ги разјасни сите двосмислености во врска со правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји во однос на процесот на пристапување“.

Внатрешните акти на Софија како замена за Копенхашките критериуми

Кога во изјавата на бугарската министерка експлицитно се споменуваат одлуките на бугарскиот парламент (од 2022 г. и најновата од мај 2025 г.), тогаш повеќе од јасно е дека Бугарија става до знаење дека дури Македонија и да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот, Софија веднаш ќе го активира следниот механизам за блокада, кој веќе е законски дефиниран во нивното Собрание.
Преку нејзините изјави, министерката Петрова-Чамова отворено признава дека бугарската дипломатска мрежа (амбасадите во ЕУ и Скопје) е ставена во состојба на „борбена готовност“ со цел да се спречи каков било обид на новата македонска влада за лобирање или за ревидирање на рамката. Ова покажува дека Бугарија не само што ќе користи вето во Брисел туку активно работи на терен за однапред да ги затвори сите врати за Македонија кај меѓународните партнери, прикажувајќи ја земјава како „несигурен партнер што не почитува меѓународни договори“. Тврдоглавото инсистирање на консензусот од 2022 година докажува дека за Бугарија преговарачката рамка не е пат за интеграција на Македонија, туку легален инструмент за постојана контрола и асимилација. Софија е свесна дека добила максимум од претходната македонска влада и затоа сега ќе ги користи секоја запирка и секој протокол како уцена, знаејќи дека секоја евентуална отстапка од нивна страна ќе значи капитулација пред нивните историски наративи.

Нервоза во Софија поради Берлин и доаѓањето на Кошта и Кос

Поранешни дипломати и луѓе вклучени во македонско-бугарските релации со децении, оценуваат дека официјална Софија со ништо нема да си ја загрози позицијата што ѝ овозможува целосна контрола на македонскиот пристапен процес кон ЕУ.
– Тоа што сега се отвораат некакви дискусии за обратно проширување или фазен пристап, како и можност за некакво придружно членство без право на глас, создава дополнителна нервоза во Софија и затоа е таа дипломатска офанзива со сите средства да се притиснат македонските власти да ги направат уставните измени што поскоро. Наскоро во земјава доаѓа и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а по него и комесарката за проширување Марта Кос, веројатно во нов обид да го откочат процесот. Кошта беше коректен и стравувањата на Македонија од можни нови уцени ги изнесе и во Софија пред бугарските власти, така што многу работи ќе бидат појасни по неговата посета. Во секој случај, иницијативата на германскиот канцелар Фридрих Мерц оди во насока на спречување на ветата, што на Бугарија не ѝ одговара. Од друга страна, Германија има алатки да ја притисне Софија, особено сега кога земјата има стабилна влада, која е на почетокот на својот мандат, така што дури и новата влада предводена од Румен Радев да направи некаков чекор во насока на поткревање на рампата за Македонија, тоа ќе може лесно да се амортизира во подоцнежниот период. Без оглед на тоа, бугарската дипломатија не мирува и е во постојана офанзива. Агресивната реторика на министерката Петрова-Чамова, која впрочем како заменик-министерка во времето на владата на Кирил Петков работеше зад кулисите за тоа како бугарските барања (од протоколите) да се преточат и да се „вградат“ во францускиот предлог, докажува дека преговарачката рамка од јули 2022 година за нив никогаш не била пат за европеизација на регионот, туку правно покритие за долгорочно вето. Софија е свесна дека тогашната македонска гарнитура им ги предаде сите клучни адути во рацете. Затоа денес наместо европски принципи и Копенхашки критериуми, бугарската дипломатија низ ЕУ лобира за доследно спроведување на историскиот ревизионизам, подготвена да ја активира кочницата буквално за секоја запирка, фуснота или учебник по историја. Како и да е, не мирува ниту нашата дипломатија, но она што е важно за целиот регион е да се најде решение што ќе значи брза интеграција на земјава во ЕУ, а истовремено и нормализирање на односите меѓу двете земји што е повеќе од потребно, особено ако се има предвид дека станува збор за НАТО-сојузнички – заклучуваат нашите соговорници.


Дипломатски маневри на маргините на НАТО: Што си кажаа Муцунски и Петрова

Шефовите на македонската и бугарската дипломатија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, остварија средба на маргините на министерскиот состанок на НАТО одржан неодамна во шведскиот град Хелсинборг. Како што информираа од двете министерства, фокусот на разговорите бил ставен на две клучни теми: билатералните спорови што ги кочат евроинтеграциите и изградбата на коридорот 8.
Македонскиот министер Муцунски уште веднаш ги реафирмирал цврстите позиции на Скопје, јасно укажувајќи дека темите поврзани со јазикот и идентитетот не можат да бидат предмет на какви било преговори. Тој директно го отворил и прашањето за правата на Македонците во соседната земја, нагласувајќи ја „потребата од доследно спроведување на пресудите на ЕСЧП“.
Од друга страна, бугарската министерка Петрова остана на веќе добро познатите тврди ставови на официјална Софија. Таа децидно порача дека „Европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција за одржлив напредок“ на земјава кон ЕУ. Како главен приоритет за Бугарија, Петрова повторно го посочи „целосното гарантирање на правата на македонските Бугари“.
Единствена точка на усогласеност меѓу двајцата министри остана инфраструктурниот коридор 8. Муцунски побара „забрзување на активностите поврзани со отворањето на преминот Клепало“, додека Петрова инсистираше на „конкретни чекори за изградба на железничкиот тунел“ според Меѓувладиниот договор од ноември 2025 година.
Оваа средба во Шведска следува по неодамнешните тензии во Брисел, кога Петрова во јавноста го употреби неточниот термин „северномакедонски“ партнери, на што Муцунски тогаш остро реагираше. Дипломатското соочување во Хелсинборг уште еднаш покажа дека и покрај заедничките инфраструктурни планови, Скопје и Софија остануваат цврсто вкопани во своите позиции кога на маса ќе дојдат историјата и Уставот.