Во развојот на еколошката свест и култура кај децата најважно е да им се развие љубовта кон природата. Да бидат еколошки свесни значи да се едуцираат и да се подготват навреме за нивното активно вклучување во процесите за заштита на животната средина, велат творците и учесниците во проектот

По повод Меѓународниот ден на лицата со аутизам, во скопската зоолошка градина реализиран еколошкиот проект „Птици“

На 7 април, Меѓународниот ден на лицата со аутизам, во 10.30 часот, беше заокружен еколошкиот проект „Птици“, реализиран во соработка со зоолошката градина во Скопје, Машинскиот факултет – отсек Индустриски дизајн и со неколку скопски училишта. Со проектот традиционално беа одбележани Денот и месецот на лицата со аутизам. Учествуваа деца од различни училишта, различна возраст, деца од редовна настава и деца со попреченост; учениците од ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, средното училиште „Цветан Димов“, „Св. Наум Охридски“ и студентите од Машинскиот факултет. Низ неколку планирани работилници се развиваше еколошка свест кај најмладите, но и меѓусебно запознавање едни со други. Учесниците на проектот во петокот ги поставија изработените куќички за птици на различни локации во зоолошката градина. Проектот беше поддржан и од Министерството за култура.
– Во развојот на еколошката свест и култура кај децата е најважно да им се развие љубовта кон природата. Да бидат еколошки свесни значи да се едуцираат и да се подготват навреме за нивното активно вклучување во процесите за заштита на животната средина. Птиците, како и сите живи суштества, се неразделен дел од природата, во која тие ја играат својата улога. Загрижува фактот дека бројот на птиците се намалува секоја година, а тоа може да предизвика сериозно еколошко нарушување. Активноста на човекот има силно влијание врз тоа со масовниот лов, уништувањето на шумите, фрлањето токсичен отпад во природата. Треба да се земе предвид фактот дека најмладите, кои им се и најверни пријатели на птиците, треба да ги воспитуваме во духот на постојана грижа и љубов кон птиците. Националната галерија непрекинато креира едукативни содржини во кои низ игра и забава ќе може да учат едни за други, но и за светот околу нив – вели едукаторката Маја Димитрова, која беше одговорна за подготовката и реализацијата на овој проект.

Запознавање со птиците

Проектот „Птици“ започна на првиот ден од пролетта, со посета на зоолошката градина.
– Во ЗОО-Скопје се запознавме со различните видови птици, нивните специфики, местата од каде што потекнуваат и со сето она што ги карактеризира. Инспирирани од нивните живеалишта, посакавме да направиме и ние куќички во кои големиот број врапчиња и славејчиња ќе може да се засолнат и да се чувствуваат заштитено. Благодарение на студентите од Машинскиот факултет – Скопје, отсек Индустриски дизајн, кои ги изработија куќичките, децата имаа несекојдневно искуство – куќичките од делови да ги состават и да ги декорираат со еколошки материјали.

Беа користени материјали од природата, шишарки, семки, цвеќиња, кора од дрва, струганици… Проектот е инклузивен и во него учествуваа учениците со попреченост од училиштето „Св. Наум Охридски“, учениците од средното училиште „Цветан Димов“ и од ОУ „Невена Георгиева-Дуња“. Сите заедно, сплотени како јато птици, уживаа во работата и креирањето на овие куќички, кои на крајот ќе бидат поставени на места каде што нивните пријатели птиците ќе уживаат во своите нови живеалишта. Со проектот „Птици“, Националната галерија традиционално го одбележува Меѓународниот ден на аутизмот. Децата се токму како и птиците – со љубовта што ја шират може да слетаат во сечие срце – посочија организаторите.

Еколошки куќарки

Од ЗОО-Скопје изразија задоволство што токму тука е заокружен овој едукативен и инклузивен проект.
– Ни беше чест и задоволство што бевме дел од еколошкиот проект „Птици“, кој започна на 21 март, со едукативна прошетка низ ЗОО-Скопје, а во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на аутизмот, и заврши на 7 април, со поставување на прекрасно изработените куќарки за птици, на дрвјата низ градината. Со помош на студентите од Машински факултет, на работилница во „Чифте-амам“, децата имаа несекојдневно искуство – да состават куќарки за птици и да ги декорираат со еколошки материјали, за да бидат комплетно природни за нивните идни жители. Денес сите заедно тимски уживавме во поставувањето на куќарките и се надеваме дека преку оваа наша активност ќе ја поттикнеме љубовта кон природата и дивиот свет кај што повеќе деца и ќе инспирираме што повеќе вакви акции во секое маало – велат одговорните од ЗОО-Скопје.
И во иднина, како што велат тие, заедно со Град Скопје ќе продолжат со поддршка на вакви едукативни проекти, кои се од големо значење за природата и инклузијата, но и за издигање на јавната свест.

М.Т.