Нова книга за деца на Иван Антоновски

Минатиот петок во „Лабораториум“ се случи промоција на книгата за деца на Иван Антоновски, „Бакнежи од небото“, која ја красат илустрации на Иванка Ниба.
Пред голем број деца и возрасни, пријатели, колеги, љубители на убавата детска литература, промоторка беше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Мотото на настанот беше една мисла што ја има и во книгата, дека „Сѐ убаво што постои на светов, создадено е од љубов“.
На промоцијата присуствуваше и познатиот македонски поет Стојан Тарапуза, кој нѐ почести и со неколку стиха за детството и за љубовта.
Авторот на оваа приказна, Иван Антоновски, за себе вели дека кога бил дете, како и сите деца, многу сакал да му раскажуваат приказни и да му откриваат тајни.
– Особено во зима, по првиот снег на кој и тогаш многу му се радував… Годините минуваа, ама детето остана во мене. Иако веќе одамна сум голем за да можам како некогаш да се скријам зад вратата или под масата за да ги „откривам“ тајните на „големите“. Или за дома да ги носам снежните топки за да ѝ ги подарам на симпатијата. И знам дека „тајните“ на „големите“ не се интересни како оние детските. Детето во мене уште одамна посака да раскажам, да запишам некоја приказна и да споделам некоја долго чувана тајна, која иако можеби е само дојдена од фантазијата, сепак имав/м чувство дека се пренесувала од генерација на генерација, со и за љубов. Но не се осмелував да го сторам тоа… Сѐ дури не се појави една Илина, која ем го распалави ем го разнежни детето во мене. Му ја врати фантазијата и го потсети на јазикот на детството… За заедно да ја раскажеме приказната што долго чекаше да дојде зимата во која ќе биде откриена тајната. И, ете, се случи со „Бакнежи на небото“ – вели Иван Антоновски.

Тој беше многу среќен, бидејќи неговата книга за најмладите предизвика толку голем интерес.
– Кога ни дојде првиот голем студ, во „Лабораториум“ беше претопло од емоции, детска смеа, приказна и убави зборови… Со вљубените облаци и со детска радост. Се надевам дека и приказната од оваа книга сликовница, во зимските ноќи ќе ги грее детските срца. Како и срцата на возрасните што го чуваат детето во себеси… По вчерашниот ден со толку искрени детски прегратки и мене ми е потопло на срцето, по највеселата промоција на едицијата „Светулка“. Ви благодарам на сите што дојдовте со своите дечиња и/или со детето во себе. Но и жалам за сите оние што не успеаја да влезат, зашто и сиот простор не можеше да ги збере сета љубов, детска љубопитност и искреност… Со оваа книга ви должиме и нови средби, заедно со Иванка Ниба, која нежно и меко ја исцртува фантазијата во приказната за облачињата, кои носат многу љубов. Зимата е пред нас, со бакнежи на небото… Нека има многу снег, насмевки, приказни… И најмногу – љубов – напиша Антоновски на својот профил на социјалните мрежи.

Промоторката Весна Мојсова-Чепишевска во својот осврт за книгата, меѓу другото ќе рече:
„Оваа приказна ’Бакнежи на небото‘ сака да им биде раскажана на сите, сака да биде прочитана од сите. Зашто низ една искрена и помалку наивна детска гледна точка се проговорува за исклучително сериозни теми како што е настанувањето или раѓањето на зимата. Оваа тема е рамна на онаа како настанал светот. А Илина како некоја маѓепснички ја почнува својата приказна многу пивко. Таа во своето главче како да има многу приказни што претходно ѝ ги кажувале, ѝ ги читале возрасните и сега е дојдено вистинското време кога таа ќе може да го отвори своето срце како што се отвора куферче и од таму ќе ги извлече оние приказни или делови од приказни што ѝ се употребливи за нејзината нова приказна“.
За писателот Горјан Петревски „ако сказната/приказната почнува со љубов, во тој дух продолжува и понатаму. На тој начин љубовта станува стожер во сликовницата „Бакнежи на небото“ и им ја открива на децата вистината на животот. Дека сѐ што се случува во природата и, воопшто, на планетата, е плод на љубовта. Уште и кога сознанијата доаѓаат од дете, повозрасната Илина, но, не и без љубопитноста на другото, помалиот Јаков, на тој начин имаме два главни лика, кои, бездруго, ќе бидат засакани и прифатени од оние што ќе ја читаат“.
Николина Андова Шопова, пак, вели дека:
„’Бакнежи на небото‘ од Иван Антоновски е нежна и лирична приказна за настанувањето на зимата, за љубовта меѓу облаците, раѓањето на снегулките… Приказна за сите деца и родители чие љубопитство не згаснува, дури и кога ни се чини дека сме ги дознале одговорите. Едноставноста на јазикот, згуснатата имагинација и живите дијалози го тераат читателот на постојано навраќање на прочитаното. ’Бакнежи на небото‘ се чита бавно и тивко, и топли како меко ќебенце во студена, снежна ноќ“.

М.Т.