Што би кажал по 35 години

Завршија деновите на одбележување на 35-годишнината од осамостојувањето. Наместо празнувањето на историскиот датум, главен настан стана музиката, односно дебатата околу славната кафеанска фраза „колку пари толку музика“. Музиката била скапа, но има ли нешто евтино? Ако не платиш, ако не потплатиш, ако не дадеш нешто под рака, не ти свират ниту дома, а камоли на бина. Ниту ќе ти свират ниту ќе ти пеат. Власта, да не се сетат Власите, си ја исплати музиката без да го отвори скинатиот џеб. Модерен бизнис не е за прост народ. Опозицијата се буни. Обвинува за нетранспарентност, а самата не е транспарентна. СДСМ не дава финансиски извештаи за прославите со музиката на Харис Џиновиќ и неговиот оркестар. И таму вртат многу пари за малку музика.
Настрана од музиката и фолклорот што на празникот наместо политичка, му дадоа музичка боја, кога би ме прашале што би кажал по овие поминати 35 години, како ревносен следач и сведок на тие први години, би кажал дека некои идеали од пламенот на осамостојувањето се постигнати, повеќето не се. Угаснати се, изневерени, прелажани, испревртени, узурпирани или злоупотребени. Во некои делови од животот Македонија отиде понапред, во некои назадува, но генерално, 35 години стои во место. Погледнете ги градовите, селата, болниците, училиштата, ќе ја видите вистинската слика.
Никако не очекував дека ќе го смениме името за внатрешна употреба и ќе го бришеме националниот атрибут од називот на институциите. Дека во нивните називи ќе биде избришана националната сопственост, дека ќе бидат национално обезимени, ќе се брише името на стопанот. Не можев да помислам дека многу луѓе, учесници во осамостојувањето, набрзо ќе ги напуштат идеалите и ќе покажат сосема друго лице. Никако не можам да разберам како некои видни политичари, министри, амбасадори, академици, доктори на науки, кои направија кариери, богатства и користеа привилегии бранејќи го името, се преобратија и јавно ја поддржуваат промената. Да не кажувам имиња и презимиња, премногу е долг списокот.
Ни во сон не можев да помислам дека двете најголеми партии во Македонија ќе ги сменат идеологиите, погледите и ставовите околу македонското национално прашање, околу идентитетот, историјата, јазикот, писмото, културните традиции на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ да приклонува, СДСМ да отклонува. ВМРО-ДПМНЕ, кое уште од денот на формирањето живееше под сенката на бугарофилството, да ја брани денес Македонија од бугарската политичка агресија, а СДСМ таа иста агресија да ја поддржува и инспирира. Како наследник на Комунистичката партија, како наследник на партија што го крена народот на востание и беше на страна на победниците во војната против фашизмот, тоа право на социјалдемократите никако не им личи. Не им личи, како што партијата не личи на себе речиси две децении.
Која е промената? ВМРО-ДПМНЕ да се потпира на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), на партизанската епопеја од 1941 до 1944 година, а СДСМ да бега од нив, од она што било негова основа, негова душа.

Рамно на чудо е ВМРО да се врзува (ако се врзува) со таканаречениот српски свет, а СДСМ да си кубе коси зошто актуелната власт не ги запишува Бугарите во Уставот. СДСМ преку својот Зоран Заев да ги раздава како од џеб македонските национални интереси и белези, ВМРО-ДПМНЕ преку Христијан Мицкоски да ги собира како пердуви, пердув по пердув. И да има поддршка од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нетипична партиска лојалистка.
Го знаев претседателот Киро Глигоров, можам да тврдам дека ни во сон не би потпишал промена на името за внатрешна употреба. Никако не би дозволил од националните институции да бидат избришани атрибутите македонски, македонска, македонско. Ни под смртна закана не би потпишал Бугарите да бидат запишани во преамбулата на Уставот, иако и самиот живеел во „бугарско“ време, кога, наводно, се потпишал дека и тој е од „бугарски происход“.
Не очекував дека политиката ќе стане коруптивна, криминогена, партиски непотистичка. Партијата, која било и во кој било период, стана исто што во анегдотите е вујкото владика. Од различни политички причини, од партиски интереси и разноразни договори на власт, на функции, на министерски и директорски раководни места се сместуваат (токму така) неуки, неспособни, неквалификувани, некултурни, невоспитани кадри, плус арогантни и дрски.

Република Македонија е единствен пример каде што за 35 години тројца претседатели на влади (премиери) завршиле со судски процеси, затвори и азилантски бегства. Во судски процеси за извршен криминал се и четири-пет генерални секретари на Владата, која и да била. И сигурно, не се само трачеви што се шират низ чаршијата дека сите премиери заминале од функцијата како мултимилионери.
И по триесет и пет години не е постигнато току посакуваното македонско национално единство, вклучувајќи го и меѓунационалното. Партиските секири не се закопани, не е испушено лулето на мирот меѓу партиите. Не верував дека по секои избори ќе почнува нов циклус, ќе се прави сѐ одново без да се почитуваат позитивните искуства на претходниците.
За крај: никогаш не можев да помислам дека и по 35 години Република Македонија (сега Северна) ќе има толку многу противници однатре, толку луѓе да не си ја сакаат татковината. Конечно, и по толку поминати години, нема договор меѓу власта и опозицијата за заедничко одбележување и прослава на овој мошне значаен ден за македонската историја. Датум што не е своина само на една партија, само на една влада. Македонија е навистина убава земја, но лошо водена држава. Или е до народот или е до власта. Сепак, каква-таква е наша и единствена.