На 8 јули 1958 година е отпечатен првиот број на додатокот за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“. Оттогаш, до денес вашите омилени четири страници сведочат за многубројни училишни случувања, ученички успеси, натпревари, фестивали… На нашите страници многу значајни имиња од македонската литература ги објавиле своите први творби, сме биле поттик за многу таленти од областа на уметноста, културата, спортот, музиката и за сето она што го прави светот поубав.
Низ долгиот историјат и континуитетот од речиси седумдесет години, летот на „Колибри“ го поддржувале и го поддржуваат многумина и на сите сме им бескрајно благодарни. Годинава, роденденот го одбележавме во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, а имаше и средба со учениците во ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп. Вредните ученици и нивната наставничка Весна Арсиќ изработија видеосодржина, а ни врачија и благодарница. Уметницата Кети Радевска од Битола, пак, ни го честита роденденот со прекрасна слика. Ние знаеме дека континуитетот се гради со љубов, посветеност, меѓусебна соработка и со заемна доверба. Во тој правец, во име на децата, продолжуваме и натаму!
Ве сака вашето „Колибри“
































