Вистината за депортацијата на Евреите одбележувана на вчерашниот настан во Битолa; Фото: Маја Јаневска-Илиева

Катастрофално, па дури и криминално е што фактот за депортирањето на македонските Евреи, за кој историската наука ги има препознаено и осудено виновниците, се злоупотребува во актуелно политички контекст

Историографијата бележи несоборливи докази за депортирањето на македонските Евреи

Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година е критичната временска отсечка, означена како трагичен настан во историјата на Македонија од Втората светска војна – апсењето на македонските Евреи, од страна на бугарската окупациска војска, кои беа депортирани во логорот на смртта во Треблинка. Овој настан е дел од холокаустот на Евреите во Втората светска војна, во кој животот го изгубија шест милиони луѓе, едно од најголемите злосторства на нацифашизмот.
Катастрофално, па дури и криминално е што фактот за депортирањето на македонските Евреи, за кој историската наука ги има препознаено и осудено виновниците, се злоупотребува во актуелниот политички контекст. Како дел од контроверзните условувања на Бугарија за македонските евроинтеграции е и барањето за отстранување на терминологијата „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици и историски учебници, во темите поврзани со настаните од Втората светска војна. Во таквиот бугарски ревизионистички контекст се појавуваат дури и обиди вината за тоа да се префрли на македонската страна.
– Холокаустот на Евреите не е дел само од историјата на Македонија, тој е дел од историјата на Европа и од светската историја. Но историската наука ги има јасно и конкретно посочено виновниците за холокаустот, а Македонија и македонскиот народ никако не се во редот на виновниците. Во Бугарија, актуелно постојат две струи во однос на депортацијата на Евреите од териториите окупирани од нивната војска во Втората светска војна, во кои влегувале Македонија, источна Србија и северна Грција. Едната струја го прифаќа соочувањето со вината и бара извинување од современата бугарска држава, додека другата струја сака историски да се пренебрегне улогата на царска Бугарија во депортацијата на Евреите од окупираните територии и да остане историски забележано дека бугарските граѓани, предводени од црквата ги спасиле од депортација Евреите на територијата, како што ја нарекувале „стара Бугарија“. Чинот на бугарските граѓани секако е за почит, но соочувањето со целосната историска вистина за улогата на бугарската држава и нејзините институции во погромот на Евреите во Втората светска војна мора да го прифатат. Не смеат да помислат во Софија, вината за трагичната судбина на Евреите да ја префрлат врз населението од окупираните територии, најмалку во Македонија. Не можеме да дозволиме историјата да ја заборави вистината, да се пренебрегне некој дел од неа – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Професорот Чепреганов наведува дека Бугарија, уште пред да влезе во сојузот на фашистичката оска во Втората светска војна, во јануари 1941 година има донесено Закон за заштита на нацијата, по моделот на Нирнбершките закони од 1935 година од фашистичка Германија, врз чија основа всушност се спроведува холокаустот на Евреите. Бугарскиот цар Борис Трети го потпишува тој закон, кој останува во важност сѐ до капитулацијата на Бугарија, на 9 септември 1944 година. Иако Евреите од т.н. стара Бугарија биле спасени од депортација во Треблинка, во 1943 година, актот никогаш не бил укинат и тој им висел како Дамоклов меч до денот на капитулацијата.
Меѓу контроверзиите на денешните македонско-бугарски билатерални односи е обидот за „рехабилитација“ на царот Борис Трети во Македонија, преку формирање т.н. бугарски клубови во земјава, кои треба да покажат постоење на бугарско малцинство.
– Историските личности што беа носители на фашистичката политика и злосторствата сторени за време на Втората светска војна, по 1944 година и во Бугарија беа прогласени и осудени како воени злосторници. Но во 1997-98, демократска Бугарија ги рехабилитира како жртви на комунизмот, а меѓу нив и царот Борис Трети. Дури се направија и обиди тој да биде претставен како спасител на Евреите. Но не постои ниту еден документ што потврдува дека тој имал улога во спасувањето на Евреите во Бугарија од депортација, а наспроти тоа постојат потпишаните акти за депортација, што ја потврдува негативната улога на бугарскиот цар во судбината на Евреите од Македонија, како окупирана територија на Бугарија за време на Втората светска војна – вели историчарот Тодор Чепреганов.