Војводата што го заштитуваше македонскиот народ

Откако Леонид бил пуштен од затвор ѝ се приклучил на четата на Аргир Манасиев. Во четата му бил помошник на главниот војвода, а во 1902 година станал самостоен гевгелиски војвода. Неговата чета го заштитувала македонското население, се борела против грчката пропаганда, ликвидирала нејзини претставници, а потоа се борела и против врховистичките чети и пропаганда

ПО ПОВОД 145 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЛЕОНИД ЈАНКОВ

Денес се одбележуваат 145 години од раѓањето на македонскиот револуционер Леонид Јанков, кој останува запаметен како еден од најомилените и најпочитувани борци што го дале животот за слободата на македонскиот народ. Како комита и војвода на Македонската револуционерна организација (МРО) учествувал во многу борби против османлиската армија, загинува млад во 1905 година, во близината на селото Ѓавато, кај месноста Ѓуров Дол. Неговата храброст е опеана во повеќе песни од кои најпозната е „Трба, трби Гевгелија“.
Уште како млад се запознал со идеологијата на МРО, набргу ѝ се придружил и бил назначен за раководител на селскиот револуционерен комитет во неговото родно село Мачуково. По битката кај Бајалци кога Христо Чернопеев со својата честа се судрил османлиската армија, околу 2.000 лица биле затворени и испрашувани, од нив 444 лица биле осудени на робија од една до сто години. Меѓу уапсените бил и Леонид Јанков, но бидејќи немало докази за неговата револуционерна дејност бил ослободен по шест месеци.

Откако Леонид бил пуштен од затвор влегол во четата на Аргир Манасиев, каде што му бил помошник на главниот војвода, а во 1902 година станал самостоен гевгелиски војвода. Неговата чета го заштитувала македонското население, се борела против грчката пропаганда, ликвидирала нејзини претставници, а потоа се борела и против врховистичките чети и пропаганда.
Во текот на Илинденското востание во 1903 година, Леонид со својата чета извршил повеќе диверзантски акции против турската војска. По неуспешното завршување на Илинденското востание, во октомври 1903 година и по престанувањето на борбените активности, Леонид со четата на Аргир Манасиев се засолнил во Бугарија.

Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов, во 1904 година се вратил во гевгелискиот крај, каде што на подрачјето на Богданци развиваат голема активност што е будно следено од турската власт. Откако дешифрирале едно писмо што било упатено од градското раководство до Леонид, турската војска го опколила просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите комити бил засолнат во големите капини во месноста Ѓуров Дол. Се развила нерамноправна битка, во која Леонид успешно се борел, но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јузбашијата, а со последниот се самоубил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на Османлиите. Тој ден сите камбани во градот биеле и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3.000 души од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата „Свети Спас“, во северната страна.

Д.Ст.