Компанијата „Спејс-екс“ поставува нови стандарди кога станува збор за употребата на ракети и сега успеа да ја лансира истата ракета „Фалкон 9“ по рекорден 12-ти пат.
Ракетата „Фалкон 9“ неодамна беше лансирана по 12-ти пат, а потоа успешно се врати на Земјата и слета на автономен брод.
Лансирањето беше извршено од Кејп Канаверал, Флорида, а ракетата однесе 53 нови сателити „старлинк“ во орбитата. Тоа беше 12-то лансирање на истата ракета „Фалкон 9“, со што беше поставен нов рекорд.
Девет минути по лансирањето, ракетата слета на автономниот брод, кој се наоѓал во Атлантски Океан, во близината на брегот на Флорида. Втората фаза на ракетата продолжи да ги носи 53-те сателити од соѕвездието Старлинк во нивната одредена орбита, а тие беа пуштени околу час и половина по лансирањето.
„Спејс-екс“ претходно лансира 2.282 сателити „старлинк“, а 2.033 сателити се моментално во функција. Мрежата Старлинк овозможува и интернет-конекција во Украина, која е нападната од Русија. Компанијата претходно испрати терминали „старлинк“ во Украина, откако руските сили ја оштетија украинската комуникациска инфраструктура.
„Спејс-екс“ има лиценца да лансира вкупно 12.000 сателити „старлинк“, а веќе има поднесено барање за лансирање уште 30.000.