Првата гранка на подводниот интернет-кабел на „Гугл“, наречен еквиано, има цел да ги поврзе Того и Европа. Кабелот еквиано на крајот ќе се протега од Кејптаун во Јужна Африка, до Лисабон во Португалија, а сега неговата гранка пристигна во Ломе, Того. Масивниот кабел со оптички влакна ќе биде првиот интернет-кабел на „Гугл“, кој се протега од Африка до Европа, и се очекува да поврзе милиони луѓе на интернет на двата континента. Ова ќе биде особено важно за Того каде што денес околу 75 проценти од луѓето немаат пристап до интернет. Кабелот ќе испорачува 20 отсто поголем капацитет на интернет во регионот.
Компанијата „Гугл“ почна значително да инвестира во подводни кабли пред речиси една деценија, а првиот проект наречен „Јунити“, кој се протега од Чикура во Јапонија, до плажата Редондо во Калифорнија, е во функција од 2010 година. Досега „Гугл“ инвестираше во вкупно 19 подводни, односно подморски кабли, а неодамна завршениот проект „Данант“ е во функција од јануари 2021 година и ја поврзува Вирџинија Бич со францускиот брег.
Меѓутоа, не инвестира само „Алфабет“ во подводни кабли, кои станаа сеприсутни со растот на мобилниот интернет. „Гугл“, „Мета“ и „Амазон“ сега доминираат во светот на клучната инфраструктура за кабли, а минатиот месец „Мета“ ги објави плановите за најмалку два трансатлантски подморски кабли, кои ќе бидат во функција од 2027 година.

Сепак, подморските кабли имаат еден голем недостаток бидејќи можат да пукнат поради природни катастрофи или човечки активности, како што е риболов. Оштетувањето на каблите е вообичаено по должината на африканскиот брег, оставајќи го целиот регион без интернет со денови. Минатата година, лизгање на земјиштето во Јужна Африка предизвика пукање на кабел, што доведе до проблеми со интернетот и забавување на целиот континент. Но во случај на пукање на кабелот, блискиот подморски кабел може да се користи како резервна копија.
Откако ќе биде оперативен, кабелот еквиано ќе обезбеди дополнителна безбедност на регионот, на кој му е многу потребен. Потоа следен чекор ќе бидат Нигерија и Намибија, а потоа Кејптаун во Јужна Африка како крајна дестинација. Кабелот ќе биде целосно оперативен подоцна оваа година.