Во текот на мај, во организација на здружението „Аквариус“, се одржуваат работилници за филмска критика во рамките на новата платформа „Матрица“, за да потсетат на важноста и неопходноста на критичката мисла
„Матрица“ е новата платформа во чии рамки ќе се одржуваат работилници за филмска критика и за сценарио. Планирано е овие работилници да се одржат во Куманово, Скопје, Гевгелија и во Богданци. Досега веќе се одржаа работилниците за филмска критика во Занаетчискиот дом во Куманово и во Кинотеката на Македонија во Скопје. Учесниците го видоа класикот „Бунтовник без причина“ во режија на Николас Реј, во кој главните улоги ги играат Џемс Дин и Натали Вуд. Ментори на работилниците се долгогодишните новинарки и филмски критичарки Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска.
– Зошто филмска критика? Колку е важно денеска да се зборува за критичкото мислење и колку е значајно младите да ја знаат важноста на оценувањето на уметничките дела. Колку е важно да знаат што значи културата за едно општество, да знаат дека критиката може да понуди нови идеи и да ни овозможи да се соочиме и да го анализираме општествениот миг во кој денеска живееме. Една од важните цели на „Матрица“ ќе биде развојот на критичната мисла, бидејќи без тоа нема одење напред, ниту создавање зрели дела, компетентни автори, слика за тоа каде сме и каде одиме. Целта е да се вклучат што повеќе партиципиенти, од различни области и од другите градови, бидејќи филмската уметност не е сконцентрирана само во Скопје – велат организаторите.
„Матрица“ е име што не е случајно одбрано (со асоцијација на истоимениот научнофантастичен филм). Матрицата е модел, матрицата е систем, матрицата е структура, како што покажа и филмот.
– Ние ќе се обидеме во неа да испишеме едно ново време, поточно време што ќе се потпре на проверените вредности и тргнувајќи од нив ќе се обиде да создаде нови. Нашиот слоган и порака гласат: „Се гледаме во матриксот“ – велат основачите на платформата.