Србија
Српските медиуми од вчера изутрина како ударна ја пренесуваат веста дека од водите на Дунав кај Ада Хуја е извлечено тело на неидентификувано машко лице. Она што ја заинтригира јавноста е фактот дека гардеробата на телото одговара на описот на гардеробата што ја носел 27-годишниот сплиќанец Матеј Периш, кој исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември минатата година во Белград, а во потрагата по него беа вклучени српски и хрватски полициски сили.
Врз основа на споредбата на фотографиите на Матеј Периш и пронајденото тело се претпоставува дека станува збор за исчезнат сплиќанец. На телото се истите патики, маица, темносини фармерки, сребрен часовник на раката и телефон во џебот, што одговара на описот на гардеробата што ја носел исчезнатиот Периш. Како што пренесуваат медиумите, телото било пронајдено во фаза на распаѓање, а морнарите го пронашле утрото околу 9.30 часот.
Телото е предадено на судска медицина, а идентификацијата ќе биде потврдена врз основа на ДНК-анализа, чии резултати се очекуваат денеска. Со визуелен увид, полициските службеници на самото место соопштиле дека е констатирана голема коинциденција на пронајденото тело со исчезнатиот Матеј Периш од Сплит.
Таткото на Матеј Периш, Ненад, за Телеграф.рс потврдува дека српската полиција го информирала дека во водите на Дунав е пронајдено тело на млад маж, кој по описот и гардеробата би можел да одговара на неговиот син што исчезна на новогодишната ноќ.
– Мора да се спореди ДНК, но по облеката пронајденото момче одговара на Матеј. Ете, тоа е она што можам да ви го кажам, немам засега ништо повеќе. Многу ми е тешко и очекувавме некоја посреќна информација, но секоја вистина е вистина и со неа ќе мора да се соочиме, јас и моето семејство. Тоа е така, повеќе не можам ништо да кажам. Многу ми е тешко. Ќе дојдам во Белград – изјавил Ненад Периш.
За потсетување, Матеј со друштвото од Сплит дошол во Белград на дочек на Нова година. Во ноќта кога исчезна, тие сите заедно биле во клубот „Готик“, кој се наоѓа на брегот на реката Сава. Според досегашните сознанија, околу 2 часот по полноќ тој од неутврдени причини го напуштил клубот и излегол надвор. Подоцна се појавија различни снимки од надзорните камери, но и покрај тоа, како и обемната потрага, досега не се утврди зошто и каде замина младиот сплиќанец и дали воопшто влезе во студените речни води.