Промоција на романот „Дното на моето небо“ од Кристина Краличин ќе се одржи денеска, во 18 часот, во „Гастротека Сиеста“. Промотори на книгата се Сребра Ѓорѓијевска и Денис Бојаров, а извадоци од романот ќе чита Благоја Чоревски.
– „Дното на моето небо“ е кратко патување низ душата на млада жена со скршено срце, која во допир со природата стигнува далеку – поблиску до своето јас. Младата писателка сфаќа дека тешкиот куфер што го носи може да го испразни само таа – пишува Сребра Ѓорѓијевска, новинарка, коосновачка на „Умно.мк“.
„Дното на моето небо“ е неверојатен и незаборавен љубовен роман, но не онаков каков што очекувате. Оваа извонредна книга го истражува стравотниот скок помеѓу крајот на една фаза од животот и почетокот на друга.
Кристина Краличин е поетеса и писателка, по вокација филолог, а говори течно четири светски јазици. Љубовта кон јазиците и кон пишаниот збор ја води уште од најраното детство, кога започнува со пишување на првите песни, и токму затоа нејзиното образование и животна определба се насочуваат кон изучувањето на книжевноста.