Фото: МОН

Македонија е заинтересирана да биде регионален центар за истражувања за туморска терапија и биомедицински истражувања, засновани на акцелератори на јонски зраци. За оваа цел работиме на обезбедување услови за државава да биде избрана за изградба на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (СЕЕИИСТ), познат како Мал ЦЕРН на Балканот, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прес-конференцијата пред средбите на работните групи на Управниот комитет на СЕЕИИСТ.

Скопје втор пат е домаќин на Управниот Комитет на СЕЕИИСТ. Во него, освен државава, партиципираат и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Србија, Словенија и Косово, а на овие средби ќе се одлучува за критериумите што треба да ги исполни државата за да ја добие изградбата на Институтот.

Шаќири посочи дека во другите држави од регионот ќе се дисперзираат истражувачки хабови и мрежи, кои ќе ја помагаат работата на Институтот.

– Воодушевен и горд сум што МОН, заедно со МНР, е дел од оваа убава приказна што за неколку години ќе резултира со пуштањето во употреба на првиот јонски зрак од Институтот, кој ќе биде димензиониран за лекување на 1.000 пациенти годишно – нагласи министерот, додавајќи дека ова не е проект со кој се печалат политички поени, бидејќи тројца министри пред него учествувале во неговата реализација.

Тој очекува дека некој од неговите наследници во иднина ќе присуствува на лекувањето на првиот пациент.

– Овој проект прави сите од Балканот да ја оставиме суетата, заедно да засукаме ракави и да изградиме возвишена градба за целите на науката и хуманоста, без разлика на нашите различни јазици, култури и религии – рече Шаќири.

Во рамки на активностите поврзани со Институтот, веќе е во тек акредитација на предмети на втор и трет циклус студии поврзани за честична терапија, кои ќе се изучуваат на УКИМ, а на Природно-математичкиот факултет се работат две докторски тези на теми поврзани со радијационата заштита.