Со пригодна програма одржана во киното „Мис Стон“, младите франкофони од Прилеп го одбележаа меѓународниот Ден на франкофонијата – 20 Март. Организатор на манифестацијата беше ОУ „Гоце Делчев“ под менторство на наставничката Ирена Наумоска. Учествуваа 67 деца од основните училишта „Кочо Рацин“ (ментор: Весна Трајческа), „Климент Охридски“ (ментор: Билјана Трчкоска), „Кирил и Методиј“ с. Канталарци (ментор: Љупка Томиќ), а им се придружија и учениците од гимназијата „Мирче Ацев“ (ментор: Мирјана Бошкоска).
Во присуство на амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер, директорот на Францускиот институт во Скопје Уго Бештел, како и градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, учениците ги наведуваа причините зошто го сакаат францускиот јазик. Преку поезија, цитати за пријателството и за мајката, француска музика, танц и драматизации создадоа пријатна атмосфера за уживање во звуците на најромантичниот јазик на светот.
Македонија има статус на полноправна членка од самитот во Букурешт во 2006 година. На четирите страни на светот, на петте континенти франкофонијата опфаќа 890 милиони жители.
– Да се споделува еден јазик, значи да се споделуваат вредностите што се изразуваат преку четирите главни цели на ОИФ. Тоа значи промовирање на францускиот јазик и културната и јазична разновидност, промовирање на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, обуката, високото образование и истражувањето, промоција на соработката во служба на одржливиот развој – вели наставничката Ирена Наумоска.
Таа е еден од позабележителните наставници по француски јазик не само во Прилеп туку и во земјата.

Ка.М.