Голема разузнавачка афера во Германија
- Поранешниот шеф на германската разузнавачка служба, Август Ханинг, се најде во притвор под сомнение за шпионажа, велепредавство и
оддавање државни тајни. Постојат индиции дека речиси 2.000 доверливи документи, информации за Иран и за руската армија, како и можни
контакти со странски разузнавачки структури, „ќе отворат една од најсериозните шпионски афери во современа Германија“
Во германскиот безбедносен апарат деновиве се случи нешто што до пред само неколку години би звучело како сценарио за политички трилер. Човекот што седум години беше на чело на германската надворешна разузнавачка служба – БНД – е уапсен под сомнение дека токму со „предавање разузнавачки информации на неовластени субјекти“ ја прекршил лојалноста кон државата.
Имено, Август Ханинг, 80-годишниот поранешен претседател на БНД, е приведен во Баварија по налог на истражен судија на Сојузниот врховен суд. Истовремено е уапсен и неговиот поранешен шеф на кабинетот, Манфред Д., а полицијата извршува претреси во Баварија, Северна Рајна-Вестфалија и во Берлин. Германското Сојузно обвинителство користи исклучително сериозна правна квалификација. Имено, Ханинг е лишен од слобода со основано сомнение за разузнавачко дејствување на штета на државата, прибавување државни тајни, обид за велепредавство и дејствување како агент на странска разузнавачка служба. Но вистинскиот размер на приказната се гледа во бројката што денес кружи низ Берлин… „предадени речиси 2.000 класифицирани документи како државна тајна?!“
Човекот што ги знаеше најчувствителните тајни
Август Ханинг не е поранешен службеник од среден ранг. Тој е човек што некогаш ја имал една од најчувствителните функции во германската држава. Од 1998 до 2005 година бил претседател на БНД. Потоа бил државен секретар во Министерството за внатрешни работи, а подоцна преминал во приватниот сектор како советник за безбедносни и геополитички прашања. Токму неговата подоцнежна консултантска активност сега е во центарот на истрагата. Според Сојузното обвинителство, Ханинг од 2010 година се договорил со својот поранешен шеф на кабинетот, Манфред Д., да добива доверливи информации од БНД во замена за пари. Манфред Д. продолжил да работи во службата и по заминувањето на Ханинг. Од 2012 до март 2026 година бил шеф на кабинет на повеќе последователни претседатели на БНД. Тоа му овозможувало пристап до исклучително чувствителен материјал. И токму тој пристап, според обвинителството, бил искористен за нешто што германските власти сега го истражуваат како можен систематски излез на државни тајни од институцијата.
Како се најдоа две илјади класифицирани документи надвор од системот?
Според досегашните наоди, „Манфред Д. му предал на Ханинг околу 2.000 строго доверливи документи“.
Но информациите се дека „не станува збор само за стари архиви“. Имено, дел од документите биле доверливи и наменети исклучиво за интерна употреба во БНД, вклучително и материјали што служеле за брифирање на највисокото државно раководство. Германските медиуми известуваат дека меѓу материјалите имало информации за:
◦ иранската нуклеарна програма;
◦ активностите и капацитетите на руските вооружени сили;
◦ процени на меѓународни безбедносни случувања;
◦ информации добиени од странски партнерски разузнавачки служби;
◦ фактoт што биле користени материјали наменети за известување на највисоките германски безбедносни структури, како и остварувањето контакти со претставници на странски разузнавачки служби за чии потреби биле користени доверливи информации, е доволно сериозен за германската држава да го третира случајот со највисок степен на приоритет.
– Овој последен елемент за Берлин е особено чувствителен. БНД не работи сам. Германската разузнавачка служба е дел од мрежа во која државите меѓусебно разменуваат информации. Во такви односи довербата е практично бесценета. Ако информација што Вашингтон, Лондон, Париз или друга партнерска служба му ја доверила на Берлин се најде кај лице што нема право да ја поседува, проблемот не завршува во Германија. Тогаш проблемот станува меѓународен – вели наш соговорник, добар познавач на безбедносна проблематика.
Всушност, најчувствителното прашање е каде завршиле информациите?
Ова е точката околу која во Берлин денес се вртат најсериозните прашања. Германското обвинителство потврдува дека Ханинг, во еден случај, користел класифицирани информации за да подготви анализа за лице поврзано со странска разузнавачка служба. Во друг случај, според обвинителството, има сомнеж дека имало подолготрајна размена на информации со претставник на друга разузнавачка служба. Но германските власти засега не откриваат за кои држави станува збор. И исто така е важно да се нагласи дека сѐ уште не е утврдено дали класифицираните документи навистина стигнале до „предвидениот примател“. Ханинг засега е осомничен, а не осуден. Но тежината на сомнежите е толкава што истражниот судија одобрил негово лишување од слобода.
Азербејџанската трага
Во германските медиуми веќе се појави и една нова индикација – азербејџанска врска.
Имено, „Шпигел“ известува дека истражителите проверуваат можни контакти на Ханинг со „агент поврзан со азербејџанската разузнавачка структура“. Сепак, ова засега не е официјално потврдено од Сојузното обвинителство. Затоа оваа трага мора да се третира токму како „разузнавачка индиција“, а не како утврден факт. Од друга страна, германските извори нагласуваат дека случајот, според досегашните сознанија, не е поврзан со Русија, иако дел од информациите за кои се зборува се однесуваат на руската армија. Оваа разлика е важна во момент кога германската безбедносна политика е силно фокусирана врз „руската активност“.
Аферата започнала со друг случај
Иронијата на целиот случај е што истражителите не стигнале до доверливите БНД-документи додека првично го истражувале Ханинг за шпионажа. Тие излегле на виделина во сосема друга истрага. Во септември 2025 година, германската полиција извршила претреси на имот поврзан со Ханинг во рамките на истрагата околу случајот со децата на германската претприемачка Кристина Блок. Во таа истрага се испитувала можна вмешаност на лица од приватниот безбедносен сектор во обидот за одведување на нејзините деца во Данска, во рамките на долгогодишен спор за старателство. Ханинг ги негира наводите за вмешаност. Но при претресот бил пронајден електронски носач на податоци со високочувствителни документи на БНД. Тие материјали биле предадени на федералните истражители. Во мај 2026 година била отворена тајна истрага против Ханинг и Манфред Д. Така, случајот што започнал како истрага за можно киднапирање деца отвори врата кон една од најголемите германски разузнавачки афери во последните децении.
Поранешниот шеф и неговиот човек во системот
Манфред Д. е вториот клучен лик. Германското обвинителство го опишува како долгогодишен висок функционер на БНД со пристап до доверливи информации. Тој бил шеф на кабинетот на Ханинг, а потоа продолжил да работи со неговите наследници. Токму тоа ја прави приказната уште посензитивна. Човекот наводно не бил надворешен хакер, криминалец или странски агент што се обидел да се инфилтрира во службата. Тој бил внатре, во структурите, и, според обвинителството, со години имал пристап до материјали што потоа наводно му ги предавал на својот поранешен шеф. Според истрагата, документите биле предавани до јуни 2022 година, што значи дека наводната шема траела повеќе од една деценија.
БНД под удар: Кој ја контролира службата?!
За сегашното раководство на БНД ова е потенцијално многу поголем проблем од кривичната постапка против двајца поединци. Прашањето е: Како е можно поранешен директор на службата со години да добива доверливи материјали од човек што продолжил да работи во БНД? И уште: Како системот не го забележал тоа порано? Ако се потврдат обвиненијата, ќе следува неизбежна политичка расправа за внатрешната контрола на германската разузнавачка служба. Актуелниот претседател на БНД, Мартин Јегер, денеска порача дека службата, веднаш штом се појавиле сомнежите, започнала опсежна внатрешна истрага. Неговата порака е кратка: „Нема компромиси кога станува збор за внатрешната безбедност“.
Политички Берлин бара одговори
Аферата веќе има политичка тежина. Германските пратеници што го надгледуваат разузнавачкиот апарат предупредуваат дека доколку се потврдат наводите, последиците нема да бидат ограничени на Ханинг. Прашањето ќе биде и како поранешни високи функционери со највисоки безбедносни овластувања можат да продолжат да работат во приватниот сектор и по напуштањето на службата. Особено е чувствително прашањето за нивните контакти со странски влади, компании и разузнавачки структури. Опозицискиот пратеник Константин фон Ноц побара построг надзор над активностите на поранешни високи функционери и предупреди на можноста приватниот сектор да стане канал за странски разузнавачки влијанија.
Случајот е исклучително опасен за Германија
БНД не е обична државна институција. Тоа е една од алките преку кои Германија ги следи глобалните безбедносни закани – од тероризмот и воените конфликти до активностите на странски држави. Ако некој поранешен директор навистина користел доверливи информации во приватниот бизнис и ги споделувал со странски разузнавачки лица, се отвора прашањето дали биле загрозени германските интереси, германските извори и германските партнери. А ако меѓу документите имало материјали добиени од други разузнавачки служби, тогаш штетата може да биде уште поголема. Во светот на разузнавањето, тоа може да биде огромна загуба.
Што следува?
Следните денови ќе бидат критични. Ханинг и Манфред Д. треба да бидат изведени пред истражен судија на Сојузниот врховен суд. Истражителите ќе се обидат да утврдат:
◦ колку точно документи биле предадени;
◦ кои од нив имале највисока класификација;
◦ дали во нив имало материјали добиени од странски партнери;
◦ за кои странски разузнавачки служби станува збор;
◦ дали документите навистина стигнале до странски служби;
◦ колку пари биле исплатени;
◦ како информациите биле користени во приватниот консултантски бизнис;
◦ и дали имало уште лица во германскиот безбедносен апарат што биле вклучени.
Но постои и пошироко прашање. Колку длабоко ќе оди ова?
Слабостите и на германскиот безбедносен систем
Германија со децении гради систем во кој најчувствителните државни информации се чуваат зад повеќе слоеви на контрола. Но секој таков систем на крајот зависи од луѓето. Ако обвиненијата против Август Ханинг се потврдат, тогаш ова нема да биде само приказна за еден поранешен разузнавач што наводно ја злоупотребил својата позиција. Ќе биде приказна за слабостите на системот што му дозволил на човек од неговиот ранг повторно да се приближи до информации што требало да останат зад затворени врати. И можеби токму затоа денешното апсење во Германија има толку силен одек. Зашто Ханинг некогаш бил човекот што ги чувал тајните на државата. Сега германското правосудство се обидува да открие кои од тие тајни излегле од државата – и каде завршиле.
Не е првпат Германија да се соочи со шпионски скандал
Историјата на германските разузнавачки служби е полна со случаи на инфилтрација. Еден од најпознатите е случајот со Хајнц Фелфе, високопозициониран функционер во западногерманската контраразузнавачка служба, кој истовремено работел за советскиот КГБ. Во 2014 година беше откриен и службеник на БНД што шпионирал за американската ЦИА. Во поново време Германија се соочи и со случај на БНД-службеник обвинет дека ѝ пренесувал информации на руската ФСБ. Но сегашната афера има една специфичност што ја прави историски чувствителна: сомнежот е насочен кон човек што некогаш бил на самиот врв на германската надворешна разузнавачка служба. Тоа е причината поради која германските медиуми веќе го опишуваат случајот како еден од најсериозните шпионски скандали во историјата на БНД.
Берлин сега ја бара „втората половина“ од приказната
Во шпионските случаи не е најважно само кој ја изнел информацијата. Најважно е кој ја добил. Засега германските власти се внимателни. Не откриваат имиња на странски служби и не тврдат дека сите документи завршиле во странски раце. Но самото обвинение дека Ханинг одржувал контакти со претставници на странски разузнавачки служби и дека користел доверливи информации за нивна потреба е доволно сериозно за германската држава да го третира случајот како потенцијална закана за националната безбедност. И затоа оваа приказна во Германија веројатно нема да заврши со денешните апсења. Можно е тие да бидат само почеток.
Кој е Август Ханинг?
Август Ханинг – 80 години
◦ На чело на БНД: 1998–2005
◦ Потоа: државен секретар во германското Министерство за внатрешни работи
◦ Подоцна: приватен безбедносен консултант
◦ Денес: осомничен во истрага за шпионажа, прибавување државни тајни, обид за велепредавство и разузнавачка агентура
Бројките на аферата
1. 2.000 – приближниот број документи за кои обвинителството се сомнева дека биле предадени.
2. 2010 г. – периодот кога, според истрагата, започнал договорот меѓу Ханинг и Манфред Д.
3. 2022 г. – до јуни, според обвинителството, продолжувало предавањето на доверливите материјали.
4. 2025 г. – при претрес во друга истрага биле пронајдени БНД-документи.
5. 2026 г. – започнала тајната федерална истрага, а на 6 октомври следувале апсењата.































