Земјоделски предизвици (1)
- Од 450 до 700 евра за тон според земјоделците, потоа делумно поевтинување, но проблемот не е решен. Зад таа цена се крие многу поголем ризик, имено помалку ѓубрење, помали приноси, поскапо производство и нов притисок врз цените на храната…
- Земјоделецот не го купува ѓубривото „за да го чува“. Тој го купува за да произведе повеќе. Ако му поскапат ѓубривото, дизелот, семето и
заштитните средства, а откупната цена не расте со исто темпо, неговата економска логика станува „помалку вложување или откажување од производството“, велат од Националната мрежа на земјоделци.
Во македонското земјоделство повторно се отвора старото прашање за тоа колку чини да се произведе храна во земја што голем дел од своите земјоделски репроматеријали носи однадвор. Но овој пат во центарот не е само горивото (дизелот), семето или препаратите за заштита на растенијата. Во центарот е земјоделското ѓубриво, еден од најважните елементи за приносот на житата, пченката, оризот, зеленчукот, овошјето и индустриските култури.
Земјоделците во Македонија во текот на годинава алармираа дека цените на одредени видови вештачки ѓубрива драматично пораснале. Во нивните пресметки и сведоштва се појавува раст од околу 450 евра на околу 700 евра за тон, односно речиси двојно поскапување. Оваа бројка не треба да се чита како единствена официјална цена за сите видови ѓубрива.Цената зависи од тоа дали станува збор за уреа, КАН, ДАП, НПК, од потеклото, количеството, транспортот и моментот на набавка. Но како сведоштво за ценовниот шок со кој се соочиле производителите, таа е симптоматична. Точно е дека глобалните цени делумно се повлекоа од пролетниот врв, но проблемот со достапноста и ранливоста на снабдувањето не исчезна.
Не станува збор само за скапо ѓубриво туку и за ризик да нема доволно ѓубриво
Во април 2026 година македонската влада презеде исклучително директна интервенција на пазарот. Беа ограничени маржите за неорганските ѓубрива на најмногу 5 проценти во големопродажбата и 5 проценти во малопродажбата. Дополнително, за постојните резерви набавени по старите цени беше предвидено намалување на продажната цена за 10 проценти. Но уште позначајна е една друга мерка, а тоа е дека трговците добија обврска за континуирано снабдување, односно да обезбедуваат најмалку 70 проценти од просечните количества што ги набавувале или продавале. Тоа е важен детаљ. Ако проблемот беше само високата цена, државата можеше да се задржи на ограничување на маржата. Но со воведувањето обврска за континуирано снабдување, државата де факто стана свесна дека постои и ризик од нарушување на достапноста и реагираше.
– Достапноста е вториот дел од потенцијалната криза. Земјоделецот може да има пари, но ако во моментот кога треба да прихрани нема уреа или соодветно НПК-ѓубриво, економската штета веќе е направена. Ѓубривото не е производ што може едноставно да се купи „кога ќе се најде“. Неговата употреба е поврзана со конкретни фази од развојот на растението. Пропуштената прихрана во одреден период не секогаш може целосно да се надомести подоцна – велат нашите соговорници, земјоделци.
Македонија е изложена на удар затоа што ѓубривото го увезува
Најголема структурна слабост на македонското земјоделство е што ѓубривото е предмет на увоз, а не на домашно производство. Податоците за трговијата покажуваат дека Македонија во 2025 година увезла ѓубрива во вредност од околу 46,8 милиони долари. Меѓу главните извори се Русија, Грција, Бугарија, Обединетите Арапски Емирати и Хрватска. Само кај уреата, еден од најзначајните азотни производи, увозот во 2025 година изнесувал околу 17,1 милиони килограми, со вредност од 8,6 милиони долари. Најголеми извори биле Русија, Грција, Хрватска, Туркменистан и Бугарија. Ова значи дека цената на македонското ѓубриво не се формира само во Македонија туку таа е чувствителна на цената на природниот гас, на цената на амонијакот, на глобалното производство, воените конфликти, извозните ограничувања, транспортот, цените на нафтата, состојбата на пристаништата и транспортните коридори, курсот на доларот и конкуренцијата меѓу земјите за ограничени количества. Токму затоа потенцијалната закана од „земјоделската криза со ѓубривото“ е многу посериозна од обично поскапување на еден репроматеријал.
Од каде дојде ценовниот удар?
Азотните ѓубрива се особено чувствителни на енергетските цени. Природниот гас е клучна суровина и енергетски ресурс во производството на амонијак, од кој понатаму се произведуваат уреа и други азотни ѓубрива. Европската комисија (ЕК) проценува дека природниот гас може да претставува околу 70 проценти од трошокот во европското производство на минерални ѓубрива. Истовремено, ЕУ и понатаму е зависна од увоз на минерални ѓубрива и суровини. Но 2026 година донесе уште еден удар. Нарушувањето на транспортот низ Ормускиот Теснец го погоди глобалниот пазар на азотни ѓубрива. Светска банка во април процени дека индексот на цените на ѓубривата во првиот квартал од 2026 година пораснал за повеќе од 12 проценти квартално, а уреата во март достигнала околу 725 долари за тон, со раст од речиси 55 проценти само за еден месец. Светската банка тогаш предвидуваше дека цените на ѓубривата во 2026 година може да пораснат за повеќе од 30 проценти, а цената на уреата за речиси 60 проценти на годишно ниво. Но глобалниот пазар подоцна почна да се смирува.
Според анализата на Меѓународниот институт за истражување на политиките за храна (ИФПРИ) од септември, цените на уреата и амонијакот паднале од пролетните максимуми и азотниот пазар се приближувал кон предвоените нивоа, иако ризиците останале. Кај фосфатните ѓубрива, пак, снабдувањето останало затегнато и поскапо. На европскиот пазар во почетокот на октомври уреата во Торино се тргувала околу 640–650 евра за тон, по околу 620–630 евра во втората половина на септември и над 700 евра во почетокот на септември. Тоа ја потврдува сликата што ја опишуваат и македонските земјоделци. Имено, по екстремниот скок следуваше одредено намалување, но пазарот останува несигурен.
Зошто падот на цената не значи дека кризата завршила?
Нашите соговорници, земјоделци, чувствуваат уште една закана по истиот основ.
– Ако уреата денес е поевтина отколку напролет, тоа не значи дека ние земјоделците сме се вратиле на состојбата од пред кризата. Прво, земјоделецот можеби веќе набавил ѓубриво по високата цена. Второ, трговците може да имаат резерви купени по стара, повисока цена. Трето, различните видови ѓубрива не се движат идентично. И четврто, најважно, цената може да се намалува, а снабдувањето и понатаму да биде несигурно. А токму тоа е ризикот што не се гледа веднаш. На почетокот на септември, на пример, американскиот пазар бележеше пад на повеќето главни видови ѓубрива, но цената на уреата и натаму беше околу 655–658 долари за тон. Нашите колеги од Европа исто така пријавуваат периоди на намалување, но и голема нестабилност и потенцијални доцнења во снабдувањето. Затоа вистинското прашање за Македонија не е само колку чини еден тон, туку „колку тони ќе има на располагање, во кој момент и по која цена – велат нашите соговорници.
Тие додаваат дека земјоделците имаат две опции кога репроматеријалот поскапува.
– Првата е да го зголеми трошокот. Но тоа може да биде невозможно ако откупната цена на неговиот производ не расте. Втората е да употреби помалку ѓубриво. И тука започнува опасниот круг. Помалку прихрана може да значи помал принос, послаб квалитет или поголем ризик од економски неисплатливо производство. Европската комисија предупредува токму на тоа: кога ѓубривата поскапуваат, земјоделците често не можат целосно да го пренесат повисокиот трошок во продажната цена. Затоа го намалуваат користењето на ѓубриво, што може да доведе до намалување на приносите – образложуваат нашите соговорници.
Научната анализа на Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ покажува колку може да биде чувствителен приносот на намалувањето на минералниот азот. Во моделирани сценарија за европското земјоделство, намалување на минералното азотно ѓубрење за 5, 15 и 25 проценти довело до намалување на приносите на ниво на ЕУ до околу 2,1, 6,4 и 11,2 проценти, со разлики меѓу културите и регионите. Најсилно реагирала пченицата. Овие проценти не треба механички да се пренесуваат на Македонија. Условите, почвите, временските услови, органското ѓубриво и агротехниката се различни. Но механизмот е јасен, а тоа е дека помалку достапен азот води кон потенцијално помал принос.
– Ова е суштината на проблемот. Земјоделецот не го купува ѓубривото за да го „чува“. Тој го купува за да произведе повеќе. Ако му поскапат ѓубривото, дизелот, семето и заштитните средства, а откупната цена не расте со исто темпо, неговата економска логика станува „помалку вложување или откажување од производството“ – велат од Националната мрежа на земјоделци.
(продолжува утре)































