Премиерот Христијан Мицкоски очекува продолжување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Србија по изборниот резултат на „Студентската листа“, предводена од Илија Срдановиќ. Тој денеска информираше дека во телефонски разговор веќе му ја честитал победата на Срдановиќ, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на мобилната апликација „m.Uslugi“, Мицкоски рече дека очекува двете земји да продолжат да соработуваат во духот на добрососедските односи, со акцент на економскиот развој.
-Очекувам нашите добрососедски односи да продолжат и понатаму. Очекувам како добри соседи да работиме на зголемување на нашата економија и во едната и во другата земја – изјави Мицкоски.
Осврнувајќи се на критиките од домашната опозиција, премиерот рече дека очекува и во наредниот период да продолжат нападите и навредите кон него, но нагласи дека нема да возвраќа со ист речник.
Мицкоски посочи дека е навикнат на, како што рече, навреди, конструкции и лаги, додавајќи дека нема да се спушти на нивото на политичката комуникација што ѝ ја припишува на опозицијата.
Тој порача дека приоритет на Владата ќе останат реформите, проектите и политиките насочени кон иднината, наместо личните напади.
-Ние ќе се бориме со реформи, со проекти, со политики кои што обезбедуваат иднина, а тие пошто немаат што да понудат, тие ќе продолжат да ме навредуваат – изјави Мицкоски.































