Фото: Министерство за економија

Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. Ова го истакна министерот Бесар Дурмиши на настанот по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа, во чии рамки се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, пренесе МИА.

Дурмиши нагласи дека заштитата на работниците не претставува само законска обврска и исполнување на пропишаните стандарди, туку и прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност.

-Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден – истакна министерот.

Како што соопшти Министерството за економија и труд, Дурмиши посочил дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата отвораат можности за поголема продуктивност и економски раст, но истовремено создаваат и нови предизвици за заштитата на вработените.

Особено внимание, според него, треба да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје.

Министерот најави продолжување на активностите за унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот развој ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците.

Тој ја истакна и заедничката одговорност на институциите, работодавачите, синдикатите, инспекциските служби и работниците во градењето култура на превенција, посочувајќи ја особено улогата на компаниите.

-Вложувањето во безбедни и здрави работни услови не треба да се гледа како трошок, туку како долгорочна инвестиција во луѓето, во продуктивноста на компаниите и во конкурентноста на нашата економија – порача Дурмиши.

Во рамките на настанот, посебно внимание беше посветено на компаниите што преку своите практики придонесуваат за подобрување на стандардите за безбедност и здравје при работа.

Дурмиши изрази задоволство од интересот на компаниите за учество во Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, нагласувајќи дека нивната посветеност треба да биде пример и поттик за другите работодавачи.

Тој им честиташе на наградените компании и им се заблагодари на Советот за безбедност и здравје при работа, социјалните партнери и сите чинители што придонесуваат за подобрување на работните услови.

Министерството за економија и труд најави дека ќе продолжи со активностите за унапредување на регулативата, подигнување на јавната свест, зајакнување на превентивните мерки и продлабочување на соработката со социјалните партнери.

-Нашата заедничка цел не е само исполнување на законските обврски, туку создавање работна средина во која секој човек ќе се чувствува сигурно, заштитено и почитувано. Економскиот развој има вистинска вредност само кога оди заедно со заштитата на здравјето, безбедноста и достоинството на работниците – заклучи Дурмиши.