Новиот светски шампион ќе се пласира на Летните олимписки игри во 2024 година, а некои од другите четвртфиналисти ќе настапат во квалификациите за пласман на Игрите во Париз

РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Светското првенство (СП) во ракомет за мажи во Полска и во Шведска влезе во завршницата, а в недела во шведскиот град Малме треба да бидат познати и новиот светски првак и носителите на сребрениот и на бронзениот медал. За целосно комплетирање на четвртфиналните двојки се играа уште мечевите синоќа во главните групи еден и два, како и дуелите за пласман во Президент-купот, каде што Македонија требаше да се сретне со Мароко.
Пред мечевите синоќа јасно беше дека во четврт-финалето Франција ќе игра со Норвешка или со Германија, Шпанија со Норвешка или со Германија, Шведска со Египет, Данска или со Хрватска и Унгарија со Египет, Данска или со Хрватска. Дуелите на програмата се утре. Во однос на СП 2021 повторно во четврт-финалето се пласираа Шпанија, Унгарија, Франција, Норвешка, Шведска и Египет, многу блиску до пласман меѓу осумте најдобри беше и Данска, која играше синоќа, а нова селекција во четврт-финалето е Германија.
Репрезентациите играат за медалите, но и за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година во Париз, и тоа шампионот ќе игра директно на ЛОИ, а повеќето од другите четвртфиналисти ќе настапат во квалификациите за пласман на Игрите. Првакот ќе обезбеди и место на следниот планетарен шампионат, во 2025 година, што треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка.
Прв стрелец досега на СП 2023 е левиот бек на Чиле, Ервин Фојхтман, со 46 гола од 67 шута (69 отсто ефикасност), еден гол повеќе од левото крило на Исланд, Бјарки Мар Елисон, со 59 удари (76 отсто) и осум погодоци повеќе од холандскиот десен бек Кај Смит (од 55 обида, 69 отсто). Швеѓанецот Тобијас Тулин, пак, има најдобра ефикасност во поредокот на голманите со 33 одбрани од 71 удар (48 отсто одбрани). Г.И.


Норвешка засега води на ферплеј-листата

Што се однесува до ферплејот на ова СП, засега води Норвешка со осум исклучувања од по две минути и еден жолт картон (вкупно 17 поени) на пет натпревари, втор е Египет со девет исклучувања и два жолти картони (20 поени), а трета е Данска со 11 исклучувања и три жолти картони (25 поени) на пет натпревари. Македонија го дели деветтото место со Уругвај со 15 исклучувања и пет жолти картони (35 поени).