Медицински совет
Подуеноста е предизвикана од акумулација на гасови во дигестивниот тракт. Таа обично е придружена со непријатност или со болка во стомакот, а може да биде поврзана и со подждригнување. Но, храната не е секогаш главната причина за оваа непријатна појава. Гастроентерологот Моника С. Борка наведува дека подуеноста може да биде предизвикана од голем број фактори што се поврзани со вашето физичко и ментално здравје.
Стрес: Вашиот дигестивен систем е во постојана комуникација со вашиот мозок. Така, стресот и анксиозноста, кои предизвикуваат телото да го ослободи хормонот на стресот кортизол, може да придонесе за подуеност.
Лекови: Некои лекови може да ја нарушат бактериската рамнотежа во цревата, да предизвикаат задржување на течностите, да ја променат дигестивната функција или да предизвикаат оштетување на дигестивниот систем ако се земаат долгорочно.
Според студијата од 2016 година објавена во „Скандиневиен џрнал оф пеин“, одредени лекови против болки најчесто предизвикуваат запек што доведува до подуеност.
– Изненадувачки, додатоците како мултивитамини или додатоци на железо исто така можат да го направат тоа – вели Борка.
Проблем со цревата: Дивертикулозата е состојба во која се појавуваат мали испакнатини низ дебелото црево, а една од причините се верува дека е исхраната без влакна. Но, ако овие вреќички се инфицирани, тогаш тоа се нарекува дивертикулитис, а еден од симптомите може да биде подуеност. Иако традиционално се наоѓа кај постарите лица, минатите истражувања покажуваат дека и многу помлади лица се погодени од тоа.
Инфекција: Инфекциите на уринарниот тракт или желудочната инфекција со хеликобактер пилори исто така може да предизвикаат подуеност. Освен подуеност, бактериската инфекција може да предизвика и гадење, подждригнување и болки во стомакот или печење.
Менструација: Не се само грчевите и главоболките што ја прават менструацијата потенцијално неподнослива. Благодарение на флуктуациите на хормоните естроген и прогестерон, може да забележите дека сте подуени непосредно пред и за време на менструацијата.