Илустрација: Димче Исаиловски

Тука се меѓу нас

По некои деца се прашуваат
овие дедомразовците
како втасуваат?
По мејлови, фејсбуци, селфирање?
Без убедување
не е за верување.

Тука се. Покрај нас.
Дедо Мраз до Дедо Мраз.

Кај мене
Нека провери секој,
Еве го нацртан на чашата
од која пијам млеко.

Кај вујко ми Рафе
и на филџан за кафе.
Стасал и на покривката на кујнската маса,
И уште од нашиот влез
мамин вез!

Сепак проверено
преку ТВ и со анкетите:
– Дедомразовците се денес
по продавниците,
по маркетите.

И да бидеме начисто
лани го препознавме соседот Ристо!

Твое е
да не дремеш пред време
и подарокот под елката
да си го земеш.

Васил Мукаетов

Новогодишна
песна

Низ високи планини
кај нас дојде, слезе,
на волшебен начин
таа дома влезе.
Годината нова
на полноќ што стаса,
ја дочека нејзиниот
јануари даса.
Ѝ подари букет
најубави цвеќа,
за здравје, за љубов,
за радост и среќа.
Двајцата облечени
во облека бела,
донесоа радост
во градови и села.
Со Новата година
и Дедо Мраз дојде,
донесе подароци
и дома си појде.
А мене ми рече
да ви кажам вака;
– Сите деца Дедо Мраз
најмногу ги сака.

Наум Попески

И Дедо Мраз
греши

Ита, брза Дедо Мраз во полноќен зимски час… Снеже вее, ветер коси, а тој брза – дарој носи! Моторчето бревта, бучи и, наеднаш, што се случи?
Низ густа снежна виулица, се најде среде улица. А, крај неа знаци и разни сигнали. Еден гасне, друг се пали…
Дедото се збуни и од чудо зина, па на црвено светло – улицата ја мина!
Можеби не требаше така да биде, но дежурниот полицаец, ете, го виде:
-Стоп! – му рече. – Ја претера, дедо! Во овој град си се знае редот! При ваква грешка кој ќе се фати, прекршочна казна мора да плати!
– Згрешив, признавам – старецот му рече. – Работата синко, мора да си тече…За грешката, еве, ќе платам нека… Сал пушти ме, те молам, долг пат ме чека… А, тега, ветувам, пријателе драг: таква грешка веќе не ќе сторам пак!

Киро Донев