Денеска е 26 декември. На тој ден Тонио речиси секоја година ги вади од прасенцето-касичка парите што ги штедел преку целата година. Со тие пари им купува подароци на мајка си, на татко си и на малата сестричка. Така им ја честита Новата година

Од бележникот на писателот Трајче Кацаров

Две парички се сретнаа на грбот на прасенцето-касичката за штедење. Само што фрлија поглед една кон друга, почнаа со препирките – која прва да го почести прасето со присутноста во неговата утроба. Односно која прва да се придружи на купот парички што мирно лежеа во утробата на прасенцето-касичка, небаре куп храна во утробата на лаком кит.
Паричките беа различни по големина, но и по вредност. Тоа ѝ даваше за право на поголемата, на онаа со повисоката вредност, да побара предност.
– Те молам ситнеж, да се подиставиш за да можам без пречки да го нахранам прасенцето!
– А зошто да се подиставам? Зошто ти да го нахраниш пред мене? – вознемирено изреагира помалата паричка
– Затоа што сум поголема и повеќе вредам од тебе.
– А кој го вели тоа? – праша помалата.
– Секој што знае да брои и да ги вреднува парите.
– Мене не ме интересира тој некој-секој, важно е што мислам јас.
– Така размислува секој ситнеж. Да си голема и да вредиш колку мене, поинаку би зборувала.

– Никогаш нема да дозволам да влезе пред мене таква горделивка како што си ти.
– Се сеќаваш кога Тонио влезе во слаткарницата и кога продавачот му рече – за паричка со вредност како мојата може да си купи сладолед во корнет и две принцес крофни?
– Голема работа. Тоа воопшто не е повеќе од ѓеврек и чаша јогурт што Тонио ги доби од продавачот кога во раката му пушти паричка со големина и вредност како мојата.
– Се сеќаваш ли кога Тонио доби ќотек откако мајка му и татко му разбраа дека изгубил паричка голема како мене и исто толку вредна?
– А се сеќаваш ли кога татко му на Тонио доби болки во половината, па интервенираше брзата помош. Сакаше да ме подигне од подот? Бев голема и тешка за кревање со голи раце.

– Ако продолжиш да се препираш, ќе скокнам врз тебе и ќе те смачкам – вцрвенета од бес ѝ се закани поголемата паричка.
– Можам и јас да скокнам врз тебе.
– И да ме скокоткаш. Во таков случај поарно е да пукнам од смеење…
Препирањето нивно ќе траеше можеби со денови, со месеци, со години, ако во собата не влезеше Тонио. Набрзина го грабна прасенцето-касичка од витрината и ја здувна од собата. Од брзите реакции на Тонио двете парички се стркалаа на подот.
Не беа далеку една од друга за да не можат да го продолжат разговорот.
– Знаеш ли што? – рече поголемата паричка.
– Што?
– Не ги погодивме денот и датумот за влез во прасенцето-касичка.
-Како не го погодивме?
-Пред да тргнеме да го храниме прасенцето-касичка, требаше да го погледнеме календарот закачен на ѕидот
– Календарот? А зошто токму календарот?
– Денеска е 26 декември. На тој ден Тонио речиси секоја година ги вади од прасенцето-касичка парите што ги штедел преку целата година. Со тие пари им купува подароци на мајка си, на татко си и на малата сестричка. Така им ја честита Новата година.
– Значи и ние треба да го чекаме Дедо Мраз?
-Не, ќе го чекаме Тонио да го врати прасенцето-касичка назад. Ќе биде исцрпено и гладно.
– Одлучив. Ќе ти дадам предност. Ти биди прва што ќе влезеш во празната утроба на прасенцето-касичка за да го нахраниш.
– Ти благодарам.
– Не заблагодарувај ми се мене, туку на моите чувства – секогаш се вознемирувам кога ќе видам гладно прасенце, особено ако е касичка.