За институцијата наречена Банка за одбрана, безбедност и отпорност – ДСРБ (Defence, Security and Resilience Bank – DSRB), чија иницијатива беше официјално прифатена на самитот на НАТО во Анкара
На вториот ден од самитот на НАТО во Анкара, канадскиот премиер Марк Карни го најави создавањето на Банката за одбрана, безбедност и отпорност -ДСРБ (Defense, Security and Resilience Bank – DSRB), иницијатива предводена од Канада и поддржана од Албанија, Белгија, Украина, Грција, Летонија, Луксембург, Романија и Турција. Новата финансиска институција ќе има цел да обезбедува кредити со ниски каматни стапки за државите, за финансирање проекти поврзани со одбраната. Амбицијата е да се мобилизира капитал во вредност од 134 милијарди американски долари, а банката да започне со работа до 2027 година. Иако засега ниту една земја од Г7 официјално не се приклучила на иницијативата, британската министерка за финансии Рејчел Ривс минатиот месец и официјално изјави во парламентот дека „Обединетото Кралство тесно соработува со Канада на овој проект“.
Во соопштението објавено во јавноста канадската влада истакна дека банката ќе им помогне на „владите, како и на малите и средните претпријатија, да ги надминат клучните недостатоци во обезбедувањето финансиски средства“.
Најчесто поставувани прашања во врска со идниот проект на Банката за одбрана, безбедност и отпорност
1. Што всушност ќе претставува банката?
Банката за одбрана, безбедност и отпорност ќе биде нова мултилатерална финансиска институција иницирана од Канада, чија цел е да обезбедува поволно финансирање за воено-безбедносни проекти. Моделот е сличен на Светската банка (СБ) или Европската инвестициска банка (ЕИБ), каде што земјите членки вложуваат капитал, а банката, благодарение на високиот кредитен рејтинг, може да позајмува средства на финансиските пазари и потоа да нуди поевтини кредити и гаранции.
2. Кои земји моментално стојат зад иницијативата?
Според заедничката декларација објавена на самитот на НАТО во Анкара, основачи се: Канада, Албанија, Белгија, Грција, Летонија, Луксембург, Романија, Турција и Украина.
Овие девет држави ја објавија намерата за формирање на банката.
3. Со колку капитал се планира да располага банката?
Целта е банката да мобилизира околу 100 милијарди британски фунти, што е приближно 134 милијарди американски долари. Тоа не значи дека тие пари веќе постојат, туку дека преку комбинација од вложен капитал, издавање обврзници и приватно финансирање, банката сака да достигне таков капацитет за кредитирање.
4. Што ќе финансира банката?
Според канадската влада, ДСРБ ќе дава долгорочни кредити со ниска камата; ќе обезбедува кредитни гаранции; ќе им помага на владите; ќе финансира мали и средни претпријатија во одбранбената индустрија; ќе поддржува проширување на производството на оружје, муниција, сајбер-безбедност, вселенски технологии, ВИ и други технологии со двојна (цивилна и воена) намена.
5. Зошто се создава ваква финансиска институција?
Причината е тоа што многу компании од областа на воената индустрија, а особено помалите добавувачи, имаат тешкотии да обезбедат поволни кредити. Иако западните земји повеќе години го форсираат овој економски концепт, со почетокот на руско-украинскиот воен судир, како едвај да беше чекан тој момент, енормно се зголемија барањата на самото НАТО и на некои членки на Алијансата за поголеми инвестиции во наменската, воена индустрија, при што повеќе земји сакаа побрзо да ја зголемат производствената способност.
Идејата е со создавањето, банката да ја намали цената на финансирањето и да го забрза производството.
6. Дали се приклучија сите големи НАТО-земји?
Не. Во моментот САД не се член, Германија не е член, Франција не е член, Италија не е член, Велика Британија не е член, но официјално соработува со Канада околу иницијативата и разгледува како би можела да се вклучи.
7. Дали постои конкуренција?
Да. Паралелно, Велика Британија, Полска, Холандија и Финска развиваат друга иницијатива наречена Мултилатерален одбранбен механизам – МДМ (Multilateral Defence Mechanism – MDM). Британската министерка за финансии дури предложи двете иницијативи во иднина да се спојат, бидејќи имаат слични цели.
8. Кога е планирано банката да започне со работа?
Планот е во 2026 година земјите да ги ратификуваат договорите, а во 2027 година банката официјално да започне со работа.
9. Што значи ова геополитички?
Ова е еден од најголемите обиди досега да се создаде финансиска инфраструктура специјално наменета за наменската односно воената индустрија. Наместо секоја држава поединечно да бара кредити или да субвенционира компании, оваа специјализирана банка треба да обезбеди заеднички механизам за финансирање.
Тоа не е „централна банка за НАТО“, ниту институција што ќе ја заменува Светската банка или ММФ. Нејзината улога е многу потесна, имено да го олесни финансирањето на одбранбените капацитети и поврзаните индустрии. Со оглед на тоа што засега не учествуваат САД, Германија и Франција, успехот на иницијативата ќе зависи од тоа дали во следните неколку години ќе ѝ се приклучат и поголемите економии. Во спротивно, влијанието ќе биде помало од првично планираното. Р.С.
Уреднички осврт
Банка за оружје или банка за иднината?
Создавањето на новата Банка за одбрана, безбедност и отпорност (ДСРБ), предводена од Канада, е уште еден показател дека светот влегува во нова ера на забрзано вооружување. Ако досега зборувавме за воена индустрија, денес веќе зборуваме и за специјализирани финансиски институции чија единствена цел е да го олеснат кредитирањето во наменскиот (воен) сектор. Практично, се раѓа нешто што потсетува на специјализирана светска банка за воената индустрија!
Од една страна, никој не може сериозно да тврди дека државите немаат право да се грижат за сопствената безбедност. Војната во Украина, нестабилноста на Блискиот Исток и големиот број геополитички тензии ја направија безбедноста повторно врвен политички приоритет.
Но исто толку легитимно е прашањето дали човештвото треба да создава нови финансиски институции исклучиво за оружје и муниција?!
Ајде да замислиме, и тоа со ист ентузијазам и со иста енергија да се формираше меѓународна банка за производство на противпожарни авиони, опрема за спасување при земјотреси, поплави и големи несреќи… Или, пак, банка што би ги финансирала заедничките капацитети на сојузничките држави за цивилна заштита, медицински резерви, брзи интервенции при катастрофи и инфраструктура отпорна на климатските промени…
Зошто да не постои банка што ќе им помага на земјите да создаваат заеднички трансгранични единици за гасење шумски пожари, спасување од урнатини, справување со хемиски и биолошки инциденти или заштита на критичната инфраструктура?
Таквите капацитети не би биле помалку важни за националната безбедност. Напротив, тие секоја година спасуваат човечки животи.
Еве, и ова како предлог… Можеби е време и за модерна меѓународна земјоделска банка што ќе обезбедува евтини кредити за производство на храна, системи за наводнување и отпорност на суши. Во свет во кој сè повеќе луѓе се соочуваат со недостиг од вода и храна, безбедноста не се мери само со бројот на тенкови и ракети. Таа се мери и со тоа дали државите можат да ги нахранат своите граѓани и да ги заштитат од природни катастрофи.
Дури и во рамките на НАТО поимот „безбедност“ одамна не се сведува само на вооружените сили. Тој опфаќа отпорност на општеството, цивилна подготвеност, заштита на критичната инфраструктура, сајбер-безбедност и способност за брз одговор во кризни ситуации.
Е, затоа е сосема оправдано да се прашаме дали идните специјализирани финансиски институции не би требало повеќе да инвестираат токму во тие области.
Начинот на кој светот ги распределува своите финансиски ресурси зборува многу за неговите приоритети.
Ако најлесно обезбедуваме милијарди за вооружување, а многу потешко за превенција, спасување, производство на храна или заштита на природата, тогаш не е погрешно да се запрашаме дали инвестираме доволно во причините за мирот, а премногу во подготовките за војна.
Безбедноста е неопходна. Но најсилни општества не се оние што располагаат само со најсовремено оружје, туку оние што умеат да ги заштитат своите граѓани и во мир и во криза. Ако веќе создаваме нови банки за безбедност, можеби најголемата инвестиција треба да биде во животот, а не во средствата со кои тој се уништува!































