Стриминг-платформата Нетфликс загуби 200.000 члена во првите три месеци од оваа година како резултат на растот на цените во САД и Велика Британија, како и повлекувањето од Русија, па речиси розовата перспектива на компанијата сега изгледа нестабилно. Во исто време, Нетфликс се соочува со повеќе потенцијални загуби, бидејќи корисниците сѐ почесто неовластено ги споделуваат своите лозинки, а се проценува дека повеќе од 100 милиони домаќинства ги прекршуваат правилата споделувајќи лозинки.

Кога растевме брзо, не беше приоритет да работиме на споделување на профилите. А сега работиме напорно на тоа, бидејќи нашата цел е да имаме што повеќе вистински корисници – вели Рид Хестингс од компанијата во изјава за „Би-би-си“.
Во писмо до акционерите, Нетфликс порачува дека зголемувањето на регистрациите за време на пандемијата ја „заматува сликата“ и предупреди дека уште два милиони претплатници веројатно ќе заминат во следните три месеци. Инаку, последен пат кога компанијата изгуби членови во еден квартал беше октомври 2011 година, а 220 милиони претплатници во светот сочинуваат кохерентна заедница. Сепак, повлекувањето од Русија, чекор што Нетфликс го направи по војната во Украина, ја чинеше компанијата 700.000 претплатници, а уште 600.000 луѓе ја прекинаа услугата во Америка и во Канада.

Од друга страна, приходите на компанијата во првите три месеци од годинава се зголемени за 9,8 отсто во однос на истиот период лани, на повеќе од 7,8 милијарди долари.

Нетфликс, исто така, се соочува со интензивна конкуренција, бидејќи компаниите од „Амазон“ и „Епл“ до традиционалните медиумски компании како „Дизни“ инвестираат во услуги за онлајн емитување.