Поради голема заинтересираност

Поради огромната заинтересираност за детскиот балетски спектакл „Петар Пан“, на 31 март, во 17 и во 20 часот, се најавени уште две претстави веќе следниот ден: в сабота, 1 април, на Денот на шегата и маските, од 11 и од 13 часот. Локацијата е иста: Националната опера и балет.
Петар Пан, капетанот Кука, Ѕвончица, Венди, индијанци, пирати.., ги повикуваат децата да дојдат маскирани и да ја гледаат претставата, сите заедно да станат голема сцена и на вистински начин да го прослават 1 Април: маскирана публика, маскирани актери, многу забава, музика, заразни песни што се паметат, танцување… Заедно, од деца за деца, бидејќи во „Петар Пан“ учествуваат по 57 деца (во двете постави) од балетското студио „Арт балет“.
Зад магичноста на претставата е потпишан тимот составен од Ристо Самарџиев – сценарио и песни, Ирена Лозинска – кореографија и режија, Тамара Ѓурчиновска од балетското студио „Арт балет“, костимите се на Елена Вангеловска, сценографијата на Љупчо Јованов, а музиката на Владимир Дојчиновски-Дојчин.
На сцената ќе ги видиме и Веселин Трајковски и Николас Алехандре Хоурсеау, гостите при балетскиот ансамбл на НОБ.
Продукцијата на „Петар Пан“ е на „М-саунд“.
Билетите можат да се набават на mktickets.mk, во „Југотон“ и „Литература.мк“.