АЛЕН РУСТЕМОВСКИ ОСВОИ БРОНЗА НА ЕП ВО БОКС
- Посебно сум горд што по 20 години успеав да донесам европски медал во Македонија. Овој медал не е само мој. Тој е на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и беа дел од мојот пат, вели Рустемовски
Македонскиот надежен боксер Ален Рустемовски (22) постигна огромен успех на Европското првенство (ЕП) за сениори во бокс во Софија (Бугарија) и со тоа испиша нова историја во македонскиот бокс. Рустемовски во тежинската категорија до 60 кг се закити со бронзен медал, откако во првото коло убедливо со 5-0 го совлада Беник Мелкумијан од Луксембург, во осминафиналето со 4-1 го победи англискиот претставник Вилијам Хјуит, а во четврт-финалето го декласираше со 5-0 и Ерменецот Артур Базејан. На патот кон посакуваното финале и златниот медал, Рустемовски загуби со поделена одлука на судиите (1-4) од Украинецот Ајдер Абдураимов. Освоената бронза претставува и најголем успех во кариерата за младиот македонски боксер. Како што е познато, Рустемовски на неодамна завршените Медитерански игри (МИ) во Таранто (Италија) исто така се закити со бронзен медал, што доволно зборува за неговите квалитети на рингот.
– Сакам од срце да им се заблагодарам на сите мои блиски луѓе кои беа тука за мене, ме поддржуваа и веруваа во мене и кога не беше лесно. Морав да се задоволам со бронза, но за мене овој медал вреди многу повеќе. Зад овој медал стојат многу години на труд, жртви и препреки. Голем дел од мојата кариера го поминав сам. Тренирав два пати дневно, одев на кампови и подготовки без тренер, ми се случило и на турнири да одам сам без тренер. И покрај ограничената финансиска поддршка и сите препреки што ги имав, никогаш не се откажав. Желбата за успех ми беше преголема. Знаев дека еден ден ќе успеам. Можам да кажам дека ова е само почеток. Мојот сон останува ист, олимписки медал. Посебно сум горд што по 20 години успеав да донесам европски медал во Македонија. Овој медал не е само мој. Тој е на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и беа дел од мојот пат. Се гледаме на некое следно големо натпреварување – изјави Рустемовски на социјалните мрежи по освоениот медал.
Рустемовски всушност ја продолжи низата на освоени медали на македонски боксери на европските првенства, почнувајќи од Аце Русевски, кој освои злато во Хале (Германија) во 1977 година, како и двете бронзи на Азис Салиху во Тампере (Финска) во 1981 и Будимпешта (Унгарија) во 1985 година, во рамките на поранешната држава СФРЈ, додека во независна Македонија, Вели Мумин освои две бронзи, првата во Пловдив (Бугарија) 2006 и втората во Ливерпул (Англија) во 2008.
На ЕП во Софија настапија над 400 боксери и боксерки од 40 држави, а Македонија ја претставуваа тројца боксери, предводени од тренерот Јове Петровски. За разлика од Рустемовски, другите двајца македонски боксери загубија уште во првото коло, Алим Насуфи (до 70 кг) од Бугаринот Благовест Неделчев (0-5), а Илчо Костовски (до 90 кг) од Молдавецот Андреј Заплитњи (0-5). На континенталното првенство златото носеше 800 рејтинг-поени, среброто 500, бронзата 300, а пласман во четврт-финалето 150 поени. Г.И.
































