Осмоодделенци од Ерџелија освојуваат награди со своите литературни творби

Матеј Велков и Лука Апостолов се осмоодделенци во ООУ „Даме Груев“ од селото Ерџелија, во близината на Свети Николе. Освен што се одлични ученици со примерно поведение, тие се истакнуваат во своето училиште поради љубовта кон македонскиот јазик, а особено кон книжевноста. Создаваат песни, учествуваат на различни фестивали и конкурси и многу често се добитници на награди и признанија, а неизбежно се фалени и препознаени поради нивниот талент.
Сите тие нивни подвизи будно ги следи нивната наставничка по македонски јазик и менторка Катерина Алексова Наумова, која е долгогодишна успешна наставничка по македонски јазик и секогаш им дава поддршка на талентираните ученици. Таа ги мотивира и ги инспирира своите ученици и како наставничка, но и со своето авторско творештво.
Во септември традиционално и двајцата ученици учествуваа на манифестацијата „Детски поетски гласови 2024“ во Ресен, каде што ученикот Матеј Велков се закити со прва награда, а Лука Апостолов доби пофалница.
Лука и Матеј учествуваа на манифестацијата „Детски гласови“ – 2024 во Ресен, на која Матеј се закити со прва награда, а Лука доби пофалница. Тие секоја година учествуваат и на традиционалните конкурси на Здружението за заштита при работа на Општина Битола, здружението за безбедност при работа „28 Април“-Скопје и на здружението на инженери за заштита „Тутела“-Скопје, по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, кој се празнува на 28 април, проект што е одобрен од Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието.
– Проектот е од витално значење за развивање на свеста на учениците уште од мали нозе за значењето на заштитата при работа. Привлекува внимание со сите идеи што малите творци ги нудат за тоа како треба да се заштитиме при работата за безбедно да биде завршена – ни објасни наставничката Катерина Алексова Наумова.
Творејќи и изучувајќи ги македонскиот јазик и македонската книжевност, учениците Лука и Матеј ја зацврстуваат љубовта кон убавиот македонски пишан збор, но и кон Македонија, а со многубројните награди го афирмираат своето населено место Ерџелија.


Мојата татковина

Ако посакаш да го почувствуваш срцето на твојата татковина,
наведни се и стави го своето уво на нејзиното тло,
во нејзината длабочина ќе го слушнеш како силно татни
и заедно со твоето се слева во едно.
Ако посакаш да го сетиш мирисот на твојата земја,
помини низ жито родното поле
и таму твоите гради ќе се наполнат со мирисот на зрелите класје,
а ветрот ќе го донесе и мирисот на цветот на старата цреша.
Ако сакаш да ја почувствуваш, нурни се во нејзините сини езера
и на себе вечно ќе го носиш допирот од нејзината природа.
Ако сакаш да ја љубиш, љуби ја силно, со секој атом
на душата твоја!
Земи во рацете грутка од ровката земја што мириса
на тага и среќа,
помирисај го цветот на липата во пролет
додека ја слушаш песната на младите птици
и врежи го секое делче од пејзажната слика во зеницата твоја,
не оставај ништо незабележано да остане
оти само така може својата земја и дом да ги љубиш:
ако го љубиш секој нејзин камен, секое родно поле,
секој рид што вично се издига, секоја капка во езерата сини,
секоја калдрама на старите сокаци, секоја улица измиена
од дождот.

Матеј Велков


Патеки на соништата

Очите ми ги исполнуваш со убавина,
во душата сокол врел ми дариш.
Можам беспрекорно со часови во тебе да гледам,
оти сакам да видам како се обновуваш,
како се будиш, како лика менуваш
низ волшепство од бои, блесок и сјај.
Погледот ме води во далечина
и пред блесок од сонце ме запира
и фрла сјаен поглед врз патеката кон почетокот што води.
Почетокот жуборлив поток го краси,
како сребрен ланец низ ледина се тегне.
Што ли кријат тие разбранети води?
Дали немир или скокот,
кој како сон секоја година
со убавината на природата патува.
Ту сребрена ѕвезда гледаш, ту по зелена патека одиш
и право в шума крај поток се будиш.
Тишината таму жуборот ја руши,
меурчињата скокот на радост носат,
убавина која без здив остава, вистински рај за душа,
со разнолик оркестар на музичари со сите инструменти,
порака милна праќаат до сите нас:
Збогум до следното видување!

Лука Апостолов