Сергеј Цветковски (9), вљубеник во фудбалот
Столе е мој идол, но со сето срце ќе се трудам кога ќе пораснам да бидам исто толку
добар како него и да го бранам голот на македонската фудбалска репрезентација,
порачува ова упорно момче со големи соништа
Деветгодишниот Сергеј Цветковски по црно-белата „бубамара“ почнал да трча кога имал само четири години. Мразот го скршил на позицијата голман во фудбалскиот клуб Евроспорт – Куманово, каде што тренира и настапува и денес, и тоа во категоријата „петлиња“. Како што вели, голема инспирација за да го засака фудбалот, пред сѐ како голман, најголем „виновник“ е неговиот сограѓанин, голманот на македонската фудбалска репрезентација Столе Димитриевски.
По стапките на идолот
„Столе е мој идол, но со сето срце ќе се трудам кога ќе пораснам да бидам исто толку добар како него и да го бранам голот на македонската фудбалска репрезентација “,порачува ова упорно момче со големи соништа.
А Сергеј многу сериозно и одговорно пристапува кон извршувањето на обврските, како на училиште, така и на тренинзите, а за да издржи во своите заложби најголема поддршка има од своите родители. Тие се скромни и реални луѓе и досега не се обиделе да го форсираат и издвојуваат Сергеј, туку веруваат во својот син и прават сѐ неговите соништа да станат јаве. Секако за тоа, освен неоспорниот талент на малиот фудбалер, потребни се и волја и пред сѐ многу работа, под надзор на квалитетни и едуцирани фудбалски тренери.
Во изминатите пет години, Сергеј со својата екипа учествувал на десетина фудбалски турнири и кампови, од каде што секогаш се враќал со освоен медал или фудбалско признание. Бил дел од меморијалниот турнир „Драган Манце“ во Белград, учествувал и на камп на Златибор, Србија, како и на камповите во Сандански (Бугарија), а минатата година и на кампот во Охрид, кој се одржа под раководство на еден од најдобрите тренери на голмани на балканските простори, Бранислав Радојчиќ. Тој во текот на својот професионален ангажман бил тренер на голмани на женската фудбалска репрезентација на Србија, како и на женскиот фудбалски клуб Црвена ѕвезда од Белград. Токму Радојчиќ за талентот на Сергеј дал многу пофалби.
Дополнителни тренинзи за подобра форма
Сергеј освен што редовно оди на тренинзи во својот матичен клуб Евроспорт, заради подобра едукација посетува дополнителни тренинзи кај еден од најдобрите фудбалски голмани на ФК Куманово, Африм Љатифи. И тој за него има многу позитивно мислење.
Сергеј е успешен и како ученик. Тој е четвртоодделенец во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово, каде што е одличен ученик. Тој вели дека и покрај огромната желба да стане успешен голман, за него училиштето секогаш е на првото место.
Ние од сѐ срце му посакуваме да му се оствари неговиот животен сон и еден ден да стане голман на фудбалската репрезентација на Македонија.
Автор: Трајан Димитриевски