Хумана страница

Училишниот центар за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ од Скопје, под покровителство на Фудбалската федерација на Македонија, организира инклузивен фудбалски турнир „Скопје 2023“, чиј почеток е закажан за денеска, во 10 часот, на терените на фудбалскиот комплекс на ФФМ во општината Аеродром.
Станува збор за инклузивен фудбалски турнир за ученици од средно образование со лесни пречки во психичкиот развој и ученици од основно редовно образование, односно ученици од средно со атипичен развој и ученици од основно образование со типичен развој.
– Турнирот почнавме да го организираме од 2016 година. Па, сега, по пауза од три години, поради коронавирусот и штрајкот на просветните работници, го организираме по петти пат – ни рече Станислав Мирчевски, спортски тренер и еден од организаторите на турнирот.
На турнирот годинава ќе учествуваат ученици од две средни училишта со посебни потреби „Искра“ од Штип и „Св. Наум Охридски“ од Скопје, со по две екипи, потоа основните училишта ООУ „Ванчо Прке“ од Штип, со една машка и една женска екипа, и ООУ „Марко Цепенков“ од Скопје, со една машка екипа, и женската фудбалска екипа ЖФК Џиџи – Скопје. Вкупно ќе има 80 ученици, а ќе бидат ангажирани и 16 наставници и шест волонтери од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Скопје, како и двајца судии и две лекарски екипи од Црвениот крст.
Турнирот е дел од активностите на проектот „Здравје“, во рамките на спортските активности на училиштето „Наум Охридски“.

– Во 2015 година го почнавме проектот „Здравје“, кој во себе содржеше три цели. Тоа се едукација (предавања, семинари, квизови), спортски активности (атлетика, фудбал, кошарка, планинарење) и правилен начин на исхрана (одгледување зачини, пазарење, приготвување и консумирање здрави намирници). Фудбалот како најблиска спортска дисциплина за учениците беше најчесто практикувана активност, која покрај подобрувањето на психофизичките способности на учениците, со организирањето фудбалски турнири, им помогна за нивна подобра социјализација и дружење. Турнирот од самиот почеток се одвиваше под мотото „И ние сме дел од вас“ и сакавме да покажеме дека нашите ученици знаат, умеат, можат и заслужуваат да бидат рамноправни чинители на секојдневието во нашето општество – вели Мирчевски.
Настанот се организира пред сѐ за издигнување на спортската свест кај нашите ученици, за потикнување на натпреварувачкиот дух, подобрување на психофизичките способности, социјализација и дружење и, секако, заради надминување на бариерата хендикепираност и потикнување за прифаќање на различностите.
– Целта на турнирот е да поттикнеме во општеството внимание и дискусија за прифаќање на различностите и секако да покажеме дека спортските активности многу ги подобруваат психофизичките способности кај учениците, дури во одредени моменти имаат и тераписко значење и ги смируваат и опуштаат учениците. Значењето на ваквите турнири и спортски собири е од исклучителна важност за нашите ученици, кои покрај тоа што можат да покажат што знаат и умеат, имаат можност да се дружат и да се запознаваат меѓусебно, со еден збор да се социјализираат – изјави тренерот Станислав Мирчевски.

С.Ј.